На почетоков на денов почна сериозен пожар на отворено меѓу Лозово и Велес, каде што гори претежно квалитетна борова шума, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, при координацијата за гаснење на пожарот, даде насоки за упатување на еден хеликоптер од МВР за гаснење на таа локација, после ангажманот и дејството врз пожарот кај селото Кондово, Скопско. Ангелов информираше дека истовремено при координацијата дал насоки за до 11 часот, да полетаат и двата противпожарни авиона „Ер трактор“ од Дирекцијата за заштита и спасување.
Регионалниот ЦУК Велес информира дека пожарникарите на ТППЕ Велесод вчера дејствуваат врз пожарот на отворен простор помеѓу селата Иванковци и Мамутчево во Општина Велес и кај селото Милино во Општина Лозово. На терен дејствувале 17 пожарникари со четири ПП возила од ТППЕ Велес, од ЈП „Национални шуми“-подружница „Бабуна“ од Велес дејствува екипа од пет вработени со едно теренско возило, а од страната на Свети Николе дејствува една екипа од 5 пожарникари со теренско возило од ТППЕ Свети Николе со тим од 4 вработени од ЈП „Национални шуми“ подружница „Шумарство“ од Свети Николе.
Поради временските услови, силен ветер, истиот се проширува и зафаќа делови од боровата шума во тој реон. Поради големината на пожарот и силниот ветер градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски, преку единствен број за итни повици 112 во ЦУК побара ангажирање на воздухоплови за гаснење на пожарот.