За македонската премиера е одбран Штип, кој е културен и универзитетски центар и град што по долго време добива редовно кино. Идејата на продуцентите е „Кино Љубов“ да биде и можност за промоција на македонските кина и враќање на љубовта кон киното, што е основна приказна на филмот

„Кино Љубов“ е исклучително интересна приказна раскажана со голема умешност, а низ малку кадри. По проекциите во повеќе држави и учеството на многу фестивали, филмот ја има и својата македонска премиера. Ова остварување е продуцирано од Јани Бојаџи и Дејан Милошевски, а сценарист и режисер е Јани Бојаџи.
– „Кино Љубов“ е вивисекција на нашиот живот денес како уметници, но и на нас како луѓе, чии семејства под притисок на лудилото наоколу се на работ на распаѓање. Овој филм е нашиот одговор на прашањето како да се зачуваме самите себеси и нашите семејства. Љубовта е состојката за спас, која ние во овој филм, кој во суштина е насилен, во краен случај ја нудиме и во неа веруваме докрај – објаснува режисерот и сценарист Јани Бојаџи.
Филмот е првата македонска инди независна продукција и е снимен без финансиска подршка од Агенцијата за филм и од Министерството за култура на Македонија. Сниман е за време на епидемијата во Скопје, под специјални здравствени услови.
– Овој проект за време на подготовките и снимањето минуваше низ процес досега непознат за македонската кинематографија во однос на снимањето и работата со актери. Приказната е раскажана во десет кадри, со што по својата форма тоа е прв македонски филм направен во стилот познат како „уан тејк“ – изјави продуцентот Дејан Милошевски.

Филмот е во продукција на „Синемон медиа фактори“ и „Револушн“. Во главните улоги настапуваат Дејан Лилиќ, Јелена Жуѓиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Благоја Чоревски како специјална ѕвезда гостин. Автор на музиката е најголемиот македонски филмски композиторот Горан Трајковски, дизајнер на звук е исто така реномираниот Игор Василев-Новоградска, продукциски дизајнер е Лазе Трипков, оператор на камера е Марко Најдановски, а директор на фотографија Иван Зоровски.
– „Кино Љубов“ е проект направен од љубов. Сите што се трудеа да го склопат се вљубеници во својата работа и тоа на крајот и се гледа, публиката ќе го почувствува. Љубителите на филмот ќе ја препознаат енергијата што е вткаена во него – вели актерот Дејан Лилиќ.
За македонската премиера на филмот е одбран Штип, кој е културен и универзитетски центар во регионот, а дополнително е и град што по долго време го добива своето редовно кино, иницијатива на дистрибутерот „Киноверзум“. Идејата на продуцентите е „Кино Љубов“ да биде и можност за промоција на македонските кина и враќање на љубовта кон киното, што е основна приказна на филмот. Скопската премиера е закажана за 26 октомври во „Синеплекс“, а во меѓувреме филмот ќе го види и публиката во Неготино, Велес, Свети Николе, Прилеп и други градови низ цела Македонија.

– Продукцијата се одлучи за Штип како културен и универзитетски центар во Македонија и град со богата кинотрадиција. „Киноверзум“ со нас го споделува нашиот ентузијазам и градовите надвор од Скопје да се етаблираат како кино и филмски центри – вели Јани Бојаџи.
„Кино Љубов“ ја раскажува приказната за актерот Коста, кој четири години е без ангажман во неговиот театар. Згора на сѐ, се случува епидемија на коронавирус. Неиграњето го убива. Така доаѓа на идеја дека тоа е моментот да го реализира својот животен сон да направи приватно кино во кое ќе се прикажуваат само љубовни филмови. И зема заем од својот шура Стево, инаку познат лихвар во градот. И покрај настојувањето на целото семејство да ја разбере ситуацијата дека Коста не може да го врати заемот, Стево е немилосрден, си ги сака парите назад. Така се растура семејството потонато во меѓусебни долгови и недоразбирања, кои завршуваат со бомба, која под автомобилот на Стево му ја подметнуваат сопругата и сестрата.
Светската премиера на „Кино Љубов“ беше во декември 2022 година, на Фестивалот на авторскиот филм во Белград. Досега помина 13 фестивали на три континенти, а до крајот на годината го очекуваат и фестивали во Загреб, Рим и Измир, со што ќе се вброи меѓу македонските долгометражни филмови што оствариле најголем број фестивалски учества надвор од Македонија.

В.Д.