Документарниот филм „250 скалила“, работен по идеја на македонскиот новинар Живко Здравковски, а посветен на кошаркарските светски шампиони од Бормио, ќе биде прикажан на Меѓународниот фестивал на спортски филмови во Милано (14-19 ноември), каде што е во конкуренција и за добивање на награда.
Фестивалот во Милано, претставува своевиден финален светски саем на најдобрите филмови од претходните 16 годинешни фестивали. Документарниот филм „250 скалила“ беше победник на седмиот Меѓународен фестивал на спортски филм на Златибор, Србија.
Филмот посветен на славната генерација на југословенската кошарка ќе биде прикажан утре од 21 часот, е меѓу фаворитите за признанието за филм на годината во категоријата тимски спорт.
По прикажувањето на филмот, ќе биде организирана тркалезна маса на која меѓу учесниците ќе бидат еден од кошаркарите од славната генерација, Александар Ѓорѓевиќ, како и поранешниот фудбалер на Интер Дејан Станковиќ. Документарниот филм е најавен и преку каталог во боја на 104 страници.
Меѓу најавените гости на презентацијата на „250 скалила“ се, кошаркашкиот тренер освојувач на ФИБА-купот со Олимпија Милано, Филипо Фаина, поранешниот италијански репрезентативец и освоjувач на сребрен медал од ЕП, Давиде Песина, еден од најтрофејните менаџери во италијанската кошаркарска историја Тони Капелари и новинарот и специјалист за олимписки спорт Оскар Елени.
Филмот „250 скалила“ е возбудлив и драматичен, на моменти носталгичен. Документарното остварување го прикажува големиот подем на една од најталентираните генерации во историјата на југословенската кошарка, која го освои Светското првенство за играчи до 19 години, во 1987 година, во италијански Бормио.