Додека малцинството во Берлин ги бодри нападите на Хамас врз Израел, поранешниот висок американски дипломат вели дека масовната имиграција била „тешка грешка“
Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер даде изјава за состојбата во Германија во контекст на нападите на Хамас во израел
Нападот на Хамас против Израел, кој се слави на улиците на Берлин, покажува дека Германија пуштила премногу странци во земјата, изјави поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер.
– Беше голема грешка да се пуштат толку многу луѓе со тотално различна култура, религија и концепти, бидејќи тоа создава група на притисок во секоја земја што го прави тоа – рече стогодишниот поранешен американски дипломат во интервјуто со извршниот директор на „Аксел Спрингер“, Матијас Допфнер, за германската телевизија Велт. „Аксел Спрингер“ е матична компанија на „Политико“.
Кисинџер – кој има германско потекло, избега од нацистичка Германија со своето семејство во 1938 година и стана архитект на американската надворешна политика за време на војната во Виетнам – рече дека тоа е „болно“, како одговор на прашањето за гледањето на Арапите во Берлин како го слават нападот врз Израел минатиот викенд.
Во ненадеен напад што започна во саботата наутро, милитантите на Хамас упаднаа од Појасот Газа, убивајќи повеќе од 1.200 Израелци и киднапирајќи уште десетици, додека истрелаа ракети врз градовите вклучувајќи ги Тел Авив и Ерусалим. Израел оттогаш возврати со почнување опсада на Газа и истрелување на сопствениот налет од одмазднички проектили, при што загинаа стотици Палестинци.
– Отворениот акт на агресија на Хамас мора да биде санкциониран со некоја казна – рече Кисинџер, истовремено предупредувајќи за потенцијалот за опасна ескалација во регионот.
Блискоисточниот конфликт има опасност да ескалира и да вовлече други арапски земји под притисок на нивното јавно мислење, предупреди Кисинџер, притоа укажувајќи на лекциите научени од војната во Јом Кипур во 1973 година, за време на која арапската коалиција предводена од Египет и Сирија го нападна Израел.
– Вистинската цел на Хамас и неговите поддржувачи „може да биде само да го мобилизираат арапскиот свет против Израел и да излезат од колосекот на мирните преговори“ – рече Кисинџер.
Исто така е „можно“ Израел да преземе акција против Иран, доколку смета дека Техеран имал удел во извршувањето на нападот, додаде поранешниот висок дипломат.
Пошироко гледано, според Кисинџер, тековната војна во Украина заедно со нападот на Хамас врз Израел претставува „фундаментален напад врз меѓународниот систем“.