По десетина години конечно ќе биде решен проблемот со свлечиштето на патот кој води до изворите со минерална вода во селото Свињишта кичевско. Амбициозните жители на селото и неговите иселеници собрале пари со која сметаат дека целосно ќе го санираат постоечкото свлечиште и ќе го прошират патот кој води до самите извори, за да можат заинтересираните посетители со автомобил да дојдат во непосредна близина на изворите.
-Откако беше повеќе од очигледно дека ЕЛС Кичево не е заинтересирана во скоро време да го санира свлечиштето на патот во село Свињишта кој води и до минералните извори, ние жителите на селото и оние кои тука повремено престојуваат, одлучивме да преземеме акција и за оваа потреба собравме 10.000 евра, средства кои сметаме дека ќе бидат доволни целосно да се санира постоечкото свлечиште, со што ќе се овозможи посетителите со своите автомобили да дојдат непосредно до самите извори. Единствената помош од општината е отстапување на една градежна машина за интервенција за проширување на патот и изградба на мостот до изворите – вели Боро Трајаноски, еден од најактивните жители на селото за санација на свлечиштето и изградба на патот до минералните извори.
Инаку дел од проширениот пат ќе добие нов асфалт, додека од мостот и на просторот околу изворите ќе бидат поставени бекатон плочки на површина од околу 600 метри квадратни. З.А.