Европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеи, кој предизвика бурни реакции во Брисел со својата изјава за суспензија на помошта од ЕУ за Палестинците, рече дека е неопходна ревизија на помошта за да се спречи „индиректно“ финансирање на терористичката група Хамас која го нападна Израел.
Вархеи, кој е задолжен за односите на ЕУ со соседните земји, во понеделникот рече дека сите исплати за помош за Палестинците веднаш ќе бидат прекинати.
Франција и Шпанија веднаш реагираа, повикувајќи на продолжување на помошта, по што Европската комисија соопшти дека ќе почне „итна ревизија на финансиската помош на ЕУ за Палестинците“ за да се осигура дека помошта од ЕУ „индиректно не ѝ овозможува на која било терористичка организација да изврши напади против Израел“, но дека во овој момент „нема планирани исплати“.
– Не гледам никаква контрадикторност. За мене тоа е исто, нема скорешни исплати – изјави Вархeи за „Фајненшл тајмс“ на прашањето за појаснувањето што го објави Комисијата.
Проблемите во комуникацијата открија пукнатини во комисијата и недоволна координација за критичните прашања, пишува британскиот весник. Вархеи е еден од комесарите кои најмногу го поддржуваат Израел. Според двајца неименувани функционери, тој ја дал својата прва изјава за суспензијата на помошта со разбирање дека има поддршка од Комисијата.
Портпаролот на комисијата вчера рече дека Вархеи не разговарал за ова прашање со ниту еден друг комесар пред да ја даде изјавата.
Министрите за надворешни работи на членките на ЕУ, која е најголемиот донатор на Палестинците, вчера на вонреден состанок разговараа за продолжување на помошта за Палестинците.
Министрите ги осудија нападите и повикаа на заштита на цивилите, ослободување на заложниците и обезбедување пристап до храна, вода и лекови во Газа.
Израел има право на самоодбрана, со целосно почитување на меѓународното хуманитарно право, се вели во соопштението и се додава дека министрите разговарале за продолжување на соработката со палестинската управа и поддршката за палестинскиот народ.
– Направивме јасна разлика меѓу Хамас, палестинскиот народ и палестинската управа. Ние го сметаме Хамас за терористичка организација, но палестинската управа е друга работа, тие се наш партнер. Не сите Палестинци се терористи, затоа колективното казнување на сите Палестинци не би било фер и продуктивно – изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Тој по состанокот изјави дека огромното мнозинство членови побарале да не се прекинува исплатата на помошта.
Вархеи, сепак, смета дека ризикот е преголем.
– Ние сме среде војна во која се чини дека имаме многу силна исламистичка терористичка организација на територијата каде што сме најголемиот донатор. Кога ќе видиме што се случува, не можеме, а да не го провериме повторно финансирањето, за да видиме дали сме биле искористени и злоупотребени – рече Вархеи.
Тој нагласи дека не мисли дека има директно финансирање на Хамас.
– Тоа би го исклучил бидејќи имаме многу строги правила. Она што сè уште не го знаеме е индиректното финансирање и мораме да копаме длабоко – рече еврокомесарот.
Тој додаде дека има многу индиректни начини на финансирање и оти ЕУ работи на „разбивање“ на оние кои се поврзани со нејзините фондови.
Хамас, кој ја контролира палестинската територија Газа, минатиот викенд почна напад врз Израел во кој досега загинаа најмалку 1.200 Израелци. Во израелските напади потоа беа убиени повеќе од 900 луѓе, а во меѓувреме израелските власти соопштија дека се пронајдени телата на 1.500 Палестинци кои упаднале на израелска територија.