Јеменските бунтовници хути, поддржани од Иран, денеска се заканија дека ќе го нападнат Израел со „ракети и беспилотни летала“ доколку САД воено интервенираат во војната меѓу исламистичките палестински милиции во Појасот Газа и Израел.
– Ако Американците директно интервенираат воено, ние сме подготвени да учествуваме со ракетни напади, беспилотни летала и (други) воени опции најдобро што можеме – рече лидерот на шиитското вооружено движење, Абделмалек ал Хути во телевизиски говор.
Лидерот на Хутите потврди дека групата е „во континуирана координација“ со исламистичките милиции во Газа, вклучувајќи ги Хамас и палестинскиот исламски џихад, како и со „оската на отпорот“, мислејќи на други движења како што се либанскиот Хезболах или ирачките вооружени групи поврзани со Иран.
– Постојат црвени линии кога станува збор за Газа – рече тој.