Фото: Игор Бансколиев

Според анализата, врсничкото насилство или булингот е редовна појава во средните училишта во Скопје. Околу две третини од средношколците потврдуваат негово присуство во нивните училишта. Перцепцијата во реална мера зависи од полот на учениците, при што девојчињата сметаат дека булингот е поприсутен во споредба со машките, а негова најчеста појава помеѓу учениците е преку социјални мрежи. Најмалку една третина од учениците биле жртва на некаков вид булинг (на училиште, надвор од училиште, на социјалните мрежи)

Насилството меѓу учениците – редовна појава?!

Меѓуврсничкото насилство е еден од посериозните проблеми со кои се справуваме како општество. Низ годините беа евидентирани голем број инциденти помеѓу младите, почнувајќи од тепачки во автобуси, во училишта, каде што како на театар, наместо да ги раздвојат, соучениците ги снимаа оние што се тепаа, па ги објавуваа на социјалните мрежи. Имаше и случај на самоубиство во една скопска гимназија како последица на булинг… На бројките им нема крај, а дополнително поразува фактот што речиси секојдневно се појавуваат нови инциденти помеѓу младите.

БУЛИНГОТ ВО РАЗЛИЧНИ ФОРМИ Е РЕДОВНА ПОЈАВА ВО УЧИЛИШТАТА

Меѓуврсничко насилство, попознато под името булинг, е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, што продолжува да ги следи децата во домот преку интернет-мрежите и по завршувањето на обврските во училиште. Во психологијата постојат три типа булинг – вербален, со користење навреди, закани и злобни и непристојни коментари; социјален, повредување на нечија репутација и однос со другите врсници, со ширење лаги и наговарање на друштвото да отфрли некого; и физички, кој се одликува со практикување физичко насилство.
Кај нас се чести сите три вида меѓуврсничко насилство, а дека е така покажува и фактот што доста често имаме ситуации на инциденти помеѓу младите.
Најсвеж пример е неодамнешниот, кога тројца малолетници завршија во полициска станица на распит, откако беа осомничени заради физички напад врз други двајца малолетници во скопски Карпош.
Малолетниците биле од населбата Синѓелиќ, а нападот го реализирале така што заминале во дворот на средното училиште во Карпош, каде што физички нападнале други двајца малолетници. Како што информираа од полицијата, со нив бил извршен службен разговор во присуство на родителите, а Јавното обвинителство веќе работи на расчистување на случајот.
Ова е најнов, но не и единствен случај од ваков тип.
За жал, младите во последно време сѐ почесто ги решаваат меѓусебните недоразбирања со помош на физичка сила.
Дополнително, освен физичкото насилство, помеѓу учениците врие и од вербален булинг, а мал број од нив се осудува да го пријави тоа, поради страв од одмазда и исмевање од групата во која припаѓа.
За да се увиди точно состојбата со булингот, дискриминацијата и говорот на омраза помеѓу средношколците, Институтот за човекови права минатата година реализира истражување, кое беше направедно со анкета помеѓу учениците и наставниците од средните училишта во Скопје, на темата „Дискриминација, булинг и говор на омраза“.
Резултатите беа поразувачки. За жал, врсничкото насилство е присутно помеѓу учениците во средните училишта во главниот град. Булингот, дискриминацијата и говорот на омраза се широкораспространети помеѓу средношколците и се редовна појава во средните училишта во Скопје.
Според анализата, булингот е редовна појава во средните училишта во Скопје. Околу две третини од средношколците потврдуваат присуство на булинг во нивните училишта. Перцепцијата на булингот во реална мера зависи од полот на учениците, при што девојчињата сметаат дека булингот е поприсутен во споредба со машките.
Најчестиот вид на булинг помеѓу учениците е оној преку социјални мрежи. Минимум една третина од учениците биле жртва на некаков вид булинг (на училиште, надвор од училиште, на социјалните мрежи). Овој заклучок е добиен врз основа на директна потврда од жртвите. Со оглед на големата стапка на неодговарање, може да се смета дека вистинската стапка на жртви на булинг во изминатата година е повисока.
Според анализата, најчеста форма на булинг се навреди и исмевање. Околу една петтина од жртвите во изминатата една година биле жртви на некаква форма на физичко малтретирање. Физичкото малтретирање повеќе им се случува на машките отколку на девојчињата.

КАМПАЊА ЗА ЕДУКАЦИЈА И СПРЕЧУВАЊЕ

Експертите велат дека само со едукација на младите би се намалил булингот, кој зема сѐ поголем замав во земјава.
Во земјава веќе некое време се реализира кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“, во која учествуваат познати јавни личности, како заштитно лице се појавува актерот Сашко Коцев, а веќе се активираат и општините. Општина Центар, пак, веќе потпиша меморандум за соработка за спроведување на оваа кампања и едукација на децата.
– Врсничкото насилство е сериозен проблем за кој ние како локални самоуправи под чија надлежност се основните училишта имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за поголема безбедност на децата во образовните установи. Секое игнорирање на меѓуврсничкото насилство може да остави трајни последици по личноста и семејството. Упатувам порака за отворена комуникација на родителите и стручните служби со децата, бидејќи тоа е најдобриот начин да ги заштитиме. Да ги охрабриме децата да зборуваат, да зборуваме и ние, да реагираме и да ги заштитиме – изјави градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Во општинските основни училишта „Кочо Рацин“, „Коле Неделковски“, „11 Октомври“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Димитар Миладинов“, „Гоце Делчев“, „Св. Кирил и Методиј“ и „Киро Глигоров“ во следниов период ќе се одржат едукативни предавања, проследени со дискусија за врсничкото насилство.
Освен што ќе добијат едукативен материјал, учениците ќе имаат можност од стручни лица, психолози што работат на проблематиката, да го добијат потребното знаење. Дополнително, тие ќе бидат запознаени и со платформата https://kreniglas.mk, каде што покрај за нив, има информации и за родителите и за наставниците, како и интерактивни содржини и можност за анонимно споделување искуства со булингот.