Ненадејниот, масовен напад на Хамас на еврејскиот празник Симхат Тору ги потсети Израелците на војната од октомври 1973 година, кога беше нападната еврејската држава, на Денот на покајување (Јом Кипур). Вчера се навршија 50 години од таа војна.
Експертите истакнаа дека нападот е резултат на повиците на премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите ултрадесничарски сојузници за поагресивна акција против заканите од Појасот Газа.
Политичките коментатори ја критикуваа Владата дека не предвидела планиран и координиран напад од Хамас, при што загинаа најмалку 22 лица, а над 500 се повредени.
Нетанјаху претходно соопшти дека Израел е во војна, а израелската армија прогласи воена готовност и почна операција „Железни мечеви“ врз Појасот Газа.
Палестинскиот народ има право да се брани од теророт на доселениците и окупаторските сили, изјави палестинскиот претседател Махмуд Абас по итниот состанок со водечките палестински претставници одржан во Рамалах, на Западниот Брег.
Неговата изјава уследи неколку часа откако Хамас почна операција, истрелувајќи илјадници ракети врз јужниот и централниот дел на Израел. Борци на Хамас се инфилтрираа по копно и море на израелска територија. Шест часа од почетокот на инвазијата припадници на Хамас сè уште се борат во неколку израелски населби.
Либанското движење Хезболах соопшти дека нападот е порака против нормализацијата на односите.
– Масовното ракетирање на Хамас од Појасот Газа врз Израел е одлучувачки одговор на тековната израелска окупација на палестинските територии и порака до оние кои бараат нормализација на односите со Израел – соопшти Хезболах.
Во меѓувреме советникот на иранскиот ајатолах Али Хамнеи, Рахим Сафави го поддржа палестинскиот напад врз Израел.
– Им честитаме на палестинските борци. Ги поддржуваме палестинските борци до ослободувањето на Палестина и Ерусалим – наведе Сафави.
Амбасадорката на САД во Израел, Стефани Халет на социјалните мрежи напиша дека се вознемирувачки „фотографиите на загинати и повредени цивили во јужен Израел, кои се убиени од страна на терористите во Газа“. „САД се со Израел“, напиша Халет на Твитер.
Претходно, претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска ги повика Израел и Палестинците на воздржаност и да избегнуваат непријателски акции кои можат да ја влошат ситуацијата по нападот на Хамас врз израелска територија
– Ги повикуваме сите страни на воздржаност. Тие треба да се воздржат од агресивни акции – изјави Ердоган по нападот врз Израел при што загинаа најмалку 22 цивили, а повредени се над 500 луѓе.
И Саудиска Арабија упати апел за прекин на насилството помеѓу Израел и Палестинците.
– Ги следиме настаните без преседан меѓу голем број палестински групи и израелските окупаторски сили, кои доведоа до високо ниво на насилство на повеќе фронтови – се наведува во соопштението на саудиското Министерство за надворешни работи.
Во меѓувреме, високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека земањето заложници е кршење на меѓународното право.
– Вестите за земање на цивили како заложници од нивните домови или во Газа се застрашувачки. Ова е спротивно на меѓународното право. Заложниците мора веднаш да бидат ослободени – објави Борел на Твитер.
Претходно, Хамас објави дека земени се Израелци како заложници.
Хамас утрово почна операција „Потоп Ал Акса“, при што истрела, како што тврди, 5.000 ракети, а припадници на џихадистичката група се инфилтрираа по копно и море на израелска територија.
Според експертите, нападот на Хамас е резултат на повиците на премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите ултрадесничарски сојузници за поагресивна акција против заканите од Појасот Газа.