Како што истакна претседателката на Одборот на собирот, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Абаџиев со своето дејствување придонел да се формираат идеите во кои веруваме, вредностите што ги цениме, обичаите што ги практикуваме
Научен собир на Институтот за македонска литература
Институтот за македонска литература при УКИМ организираше научен собир по повод 60 години од смртта на македонскиот раскажувач, романсиер, историограф, публицист и сценарист Ѓорѓи Абаџиев. Со својата опсесивна посветеност на историската тематика, тој е родоначалник на македонската историска проза и, заедно со Стале Попов, ги одредува појдовните насоки во позиционирањето на македонската уметничка прозна реч спрема официјалните историографии.
Собирот го отвори директорката на институтот, Наташа Аврамовска.
– Како книжевен деец, Ѓорѓи Абаџиев им припаѓа на две преломни раздобја: она меѓу двете големи војни и раздобјето на социјалистичко испишување на новиот „почеток“ на националниот и книжевен наратив. Во првите повоени години, прозата на Абаџиев го премостува националниот самозаборав на минатото при еуфоријата на испишувањето на новиот почеток и новото време на социјалистичката изградба. Темите на ајдутството и анархистичките традиции на македонската борба за национално осамостојување, постојано присутни во неговата проза и во сценариото за филмот „Мис Стоун“, се единствени сведоштва во повоениот книжевен наратив за „светлините на минатото“, претходницата на НОБ, со што во дадениот миг сведочи за историскиот континуитет на македонската борба за самобитност – рече Аврамовска.
Георгиевска-Јаковлева посочи дека прозата на Абаџиев го одредува доминантниот дискурс на неговото време, што е особено важно денес, кога го вреднуваме неговото дело.
– Тој дејствува во времето непосредно пред и по конституирањето на македонската национална држава. Тоа, пак, значи дека македонската официјална историографија е во фаза на создавање, како што е во фаза на создавање и македонскиот стандардизиран литературен јазик… Одбележана од првичноста и настанувањето, прозата на Абаџиев е втемелена врз практиката на историската фикција што кореспондира со официјалната историографска фактографичност или уште повеќе, со оглед на не сосема докрај востановената историографија, има намера објективно да ги меморира историските состојби, да биде еден вид дополнување на историјата, инструмент на официјалната историографија, но и нејзина уметничка илустрација – рече Георгиевска- Јаковлева.
Валентина Миронска-Христовска во излагањето потенцираше дека тој има особено значење за македонската култура како еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.
– Ѓорѓи Абаџиев и другите напредни и национално свесни членови на МЛК, во периодот на многубројните национални, социјални, политички и општествени противречности, го претставуваат континуитетот, односно алката во создавањето на македонската национална литература и на македонската култура воопшто. Притоа голем е влогот на Абаџиев во македонската прозна продукција, но и во македонската историографија и публицистика – рече Миронска-Христовска.
Гоце Смилевски во излагањето констатира дека неговиот роман „Пустина“ е првиот психолошки роман во македонската литература и наедно спаѓа меѓу најзначајните прозни остварувања во нашата книжевност.
– Преку проникнувањето на историското и индивидуалното, авторот ги поставува во симбиотска врска поединечните егзистенции на ликовите и историскиот сплет настани во кои тие учествуваат. Станува збор за дело што преку своите ликови ја доловува суштината на човековото постоење во конкретниот историски миг, а наедно ги претставува и механизмите преку кои општествените промени влијаат врз индивидуата – рече Смилевски.
В.Д.