Фото: Фејсбук/Официјален профил на Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху рече дека земјата е во војна по ненадејниот напад од Хамас утрово, јавува „Си-ен-ен“.

– Граѓани на Израел, ние сме во војна – ова не е операција, туку војна – рече Нетанјаху во видеопораката и додаде дека Израел ќе победи.

Израелските одбранбени сили ја почнаа операцијата „Железни мечеви“ против Хамас по ненадејниот напад на милитантната група рано утрово.

Израел објави дека гаѓа цели на Хамас во Газа како одговор на денешните напади врз Израел.

Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, претходно денес одобри мобилизација на воените резервисти откако земјата прогласи воена состојба.

Воениот командант на Хамас, Мухамед Ал-Деиф изјави дека групата започнува операција наречена „Бура Ал-Акса“ чија цел се „непријателските позиции, аеродромите и воените позиции“. Тој објави дека врз Израел истрелале 5.000 ракети, додека израелската војска јавува за 2.500 ракети.

Во нападот повредени се најмалку 100 луѓе, според информациите од болниците.