Зголемениот мигрантски бран кон Италија го подигна притисокот во земјите од Европската Унија за барање итни решенија од приливот на нови бегалци. Франција подигна беспилотни летала и хеликоптери во овој регион, покрај затворањето на границата, а присутни се и голем број полицајци.
Континуираниот проток на мигранти преку медитеранската маршрута е проблем за Италија, бидејќи сѐ повеќе и повеќе од оние што пристигнуваат на островот Лампедуза сакаат да го продолжат своето патување кон Германија, Франција или Холандија.
За овој проблем во ОН зборуваше и италијанската премиерка Џорџа Мелони, која истакна дека Италија не може да стане бегалски центар што остатокот од Европа одбива да го прифати. Во последните неколку дена на островот Лампедуза пристигнаа повеќе од 8.000 луѓе.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека Европската Унија мора да покаже солидарност со Италија додека таа земја се бори со зголемениот број мигранти и бегалци што пристигнуваат на нејзиниот јужен брег
– Потребни ни се договори што ќе ни овозможат да ги прифатиме мигрантите што ни се потребни, но и со кои ќе биде овозможена депортација на илегалните мигранти што залудно ги ризикуваат своите животи – рече Борел.
Новата балканска маршрута преку која мнозинство мигранти илегално стигнуваат во Германија веќе не оди од Турција преку Австрија, туку преку Полска, пишуваат германските медиуми. Бројот на илегални влегувања во Германија нагло расте и тоа веќе две години. Сојузната полиција месечно регистрира над 10.000 илегални влеза во земјата, односно лица без потребни документи или визи. Пред две години биле помалку од половина.