Во врвот на фудбалот секој бод може да вреди милиони, секој гол исто така. Инвестицијата во специјализиран тренер за прекини може да донесе огромни награди, пишува „Скај спорт“. „Тоа не е неискористен пазар, туку е недоволно ценет и малку погрешно разбран пазар во моментот“, вели Енди Парслоу, кој работеше како тренер за прекини во Вимблдон и во Свонси, подобрувајќи ги постигнувањата на двата тима
ФУДБАЛ
Подемот на улогата на стручниот тренер за прекини беше клучен развој во играта, бидејќи фудбалот продолжува да бара минимална предност за да се дојде до победа. Но, што всушност прават тие и кои се најновите иноватори? „Скај спорт“ разговараше со Енди Парслоу, кој работеше како тренер за прекини во Вимблдон и специјалист за слободни удари во Свонси, подобрувајќи ги постигнувањата на двата тима.
Првично, тој го доживеа она што тој деликатно го нарекува некоја „внимателна интрига“ меѓу играчите, но тоа се промени. Фудбалот се промени. Се појави пософистициран став кон слободните удари.
– Се сеќавам дека разговарав со некого за играње одбрана „човек на човек“ и тој ми кажа дека тоа му се допаѓа затоа што ако има гол, тогаш знаеш кого да обвиниш. Ако го почнувате вашиот процес за слободни удари со размислување за тоа кого ќе обвините кога ќе тргне наопаку, мислам дека веќе сте малку губитник. Сега се размислува повеќе за тоа, па затоа клубовите ангажираат персонал со полно работно време за да се справи со тоа – вели Парслоу.
Во врвот на фудбалот секој бод може да вреди милиони, секој гол исто така. Инвестицијата во специјализиран тренер за прекини може да донесе огромни награди, пишува „Скај спорт“.
– Според моето мислење, тоа е значителен принос што можете да го добиете за релативно мала инвестиција. Тоа не е неискористен пазар, туку е недоволно ценет и малку погрешно разбран пазар во моментот – вели Парслоу.
Во фудбалот, како и во животот, има и такви што се плашат од промени. Воведувањето тренер за аути од Јирген Клоп предизвика бурни реакции кај дел од медиумите. Парслоу смета дека овие мали придобивки се само дел од играта, дел од процесот на помагање на тимовите да ги подобрат своите шанси за успех.
– Ние не сме таму за да бидеме ѕвезди. Таму сме за да му помогнеме на тимот. Тоа не е гламурозна улога, само функција да му помогнете на тимот да победи на фудбалски натпревар – инсистира Парслоу.
Тој не е заинтересиран за иновации само заради иновации.
– Постои опасност од прекумерно комплицирање. Корнерот никогаш не се поместува и голот никогаш не се поместува. Значи, иако нема ограничување на она што можете да го направите, веројатно постои ограничување на она што треба да го направите – вели тој.
ОДБИЕНИ ТОПКИ, ДВИЖЕЊЕ…
Целта останува да се запрат головите на едниот крај и да се постигнат на другиот крај. Неговата мантра за слободни удари е едноставна.
– Бидете добри во постигнување лоши голови – вели тој.
Но, како тимот го прави тоа? Квалитетот на додавањето е важен, но во голема мера е надвор од контролата на тренерот. Голем дел од фокусот на Парслоу е на она што ќе се случи следно.
– Она на што треба да работите како тренер е да размислите каде може да оди топката потоа. Ако центаршутот е пресилен, дали имаме некого таму за секој случај? Ако го погоди првиот човек и топката биде упатена кон надвор, дали имаме некого таму брзо да ја освои топката за да го одржи нападот? Можеме да го искористиме хаосот пред правилно да се организира одбраната. Колку различни зони покриваме во шеснаесетникот? Колку области со втор контакт покриваме за да ја зголемиме веројатноста да создадеме шанса? Ако само се потпирате на совршената рутина, навистина ќе ги ограничите вашите можности за постигнување гол – вели тој.
Динамичното движење внатре во шеснаесетникот е од витално значење.
– Морате да ги зголемите шансите. Ако јас сум дефанзивец и мојот човек трча од точка А до точка Б, треба да донесам една одлука. Ако тргне одзади, истрча два метра, застане, повторно трча и го смени правецот пред да оди назад, одеднаш имам пет или шест работи за размислување. Имајте на ум, топката доаѓа во шеснаесетникот и јас треба да знам и каде оди таа. Одеднаш го зголемивте бројот на одлуки, ја зголемивте веројатноста една од тие одлуки да е погрешна и ја зголемивте веројатноста за шанса – рече Парслоу.
Овие промени може да изгледаат мали, но „кога ќе ги комбинирате, добивката може да биде голема“, само погледнете ги Вимблдон и Свонси. Во сезоната 2021/2022 во Лига 1, Вимблдон постигна 18 гола од прекини, што е зголемување од 83 отсто во однос на претходната сезона. Лани во Свонси имаше шесткратно зголемување на погодоците од прекини.
Во моментов тој работи како консултант на клубови низ фудбалската лига и пошироко. Парслоу сака да се врати на редовната улога.
– Тоа е малку како одење во вежбалница, 15 минути дневно ќе има подобар ефект отколку да одите еден ден осум часа и потоа никогаш повеќе – вели тој.
ИНОВАЦИИ НА СЕЗОНАТА ДОСЕГА
Во меѓувреме, тој нѐ води низ некои од неговите омилени иновации на слободните удари во сезоната досега и разбива некои митови додека одговара на вообичаени прашања за рутините при корнери.
– Една иновација во која уживав е тимовите што ги имаат сите 10 играчи на теренот при корнер, никој нема на центарот. Голем број клубови од Премиер-лигата го прават тоа, некои во Чемпионшип, а видов и Бартон албион во Лига 1. Ова врши притисок врз одбранбениот тим, бидејќи додека тие сакаат да се справат со топката во шеснаесетникот, сега има повеќе опции и штом топката ќе се исфрли и има поголема шанса да се врати, бидејќи работ на шеснаесетникот е ограден од играчи како со прстен – вели тој.
Во однос на самиот центаршут, предизвикувањето одбранбена конфузија помага.
– Едно што ми се допаѓа, нешто што Брентфорд го направи добро, а Тотенхем го направи тоа лани, е кога се редат на навистина двосмислена стартна позиција, така што не можете да прочитате каква ќе биде рутината. Непосредно пред центаршутот играчите трчаат на своите позиции и на чуварите им е многу потешко да ги следат. Би замислил дека има многу поголема паника меѓу одбранбените играчи, тоа го зголемува стресот. Ми се допаѓа таа иновација – вели Парслоу.
ОБЈАСНЕТИ НЕКОИ ПРАШАЊА ЗА КОРНЕРИТЕ
Позната фрустрација за гледачите е глетката на центаршут што не успева да го помине дефанзивецот на блиската статива.
– Знам дека тоа ги нервира гледачите. Но, луѓето не се совршени, луѓето прават грешки. Центаршутот нема секогаш да биде прецизен. Тоа е фудбал. Тоа се случува – вели Парслоу.
Причината поради која изведувачите на корнер ја упатуваат топката кон блиската статива е затоа што со ризикот доаѓа и наградата.
– Секако, тоа е затоа што тимот се обидува да ја нападне блиската статива. Општо земено, на блиската статива, ако го направите првиот контакт, тешко е противникот да се одбрани. Кога зборувам за одбрана со моите играчи, секогаш имам приоритет да не му дозволам на противникот да оди напред. Бидејќи таа зона е толку ранлива, тимовите имаат голем приоритет да ја заштитат. Не е лесна вештина да се упати центаршут токму таму, но ако се обидете осум пати, може да помине деветтиот – вели тој.
Воведниот гол на Вест Хем во победата над Челси во август повторно донесе една дебата во прв план.
– Конор Галагер го чуваше Најеф Агуерд и тој постигна гол по корнерот. Сигурен сум дека имаше прашања зошто Галагер го чуваше. Но не се очекува да го натскока. Значи, постојат заблуди околу тоа. Луѓето прашуваат зошто некој низок чува некој висок, кога имате други високи играчи во тимот. Тоа е затоа што високите играчи се во нивните зони. Ако имате пет играчи што чуваат зонски, тие се таму за да го направат првиот контакт по центаршутот. Директните чувари се таму за да му пречат на напаѓачот – вели тој.
Очигледното следно прашање е да се праша зошто тимовите не секогаш целат кон својот највисок напаѓач.
– Висината не е гаранција за квалитет во нападот на топката. Некои навистина високи момци не се најдобри во ударите со глава и играчи што не се највисоки навистина можат да ја нападнат топката. Имајте на ум дека центаршутот кон највисокиот е веројатно најочигледната маршрута, така што веројатно е маршрутата за која противникот е најподготвен. Претпочитам да погледнам каде имаме најголема предност – рече Парслоу.
Понекогаш постигнатите голови од еден играч не се најефективната мерка за нивната ефикасност по корнери.
– Лани Милвол одлично се снајде со Џејк Купер, кој оствари значителен број први контакти со топката по корнер. Го направија така што упатуваа висок центаршут околу пеналот и тој ќе го добиеше првиот контакт, но тоа не беше местото од каде што сакаа да постигнат гол. Имаа многу напаѓачи што знаеја дека тоа е нивниот момент и постигнаа многу голови само од тие одбиени топки потоа. Тоа беше планот. Тие целеа кон највисокиот човек, но не за да постигнат гол, туку за да привлечат повеќе луѓе, да создадат повеќе хаос и потоа да постигнат повеќе голови од резултатот од тоа. Некои од тимовите го прават ова навистина добро – вели Парслоу.
Зошто да изберете кратко изведување корнер?
– Прво, станува збор за она што го имате во вашиот тим за да напаѓате по корнер. Можеби немате највисок тим, така што вашата сила можеби не е да ја упатите топката во шеснаесетникот, а тоа може да биде силата на противникот ако има тим од високи фудбалери, па нема да има многу смисла. Значи, можете да го направите тоа за да се заштитите од сопствената слабост и може да го направите ако има структурна слабост во составот на противникот и изведувањето краток корнер може да ви отвори подобра можност отколку едноставно да ја упатите топката во шеснаесетникот – вели Парслоу.
Уште едно познато прашање од гледачите е зошто нивниот тим го враќа секој играч да брани корнер, наместо да ги остави напаѓачите напред за да обезбедат можност за контранапад. Има логика во тоа, како што објаснува Парслоу.
– Генерален принцип на фудбалот е дека кога напаѓате сакате да создадете простор, кога се браните сакате да го ограничите просторот. Добар начин да се ограничи просторот е со луѓе, колку повеќе луѓе во шеснаесетникот, толку помалку простор за напаѓачите. Тешкотијата е во тоа што може да создаде мешаница и да им се отежне на дефанзивците да ја напаѓаат топката – вели тој
И, како и секогаш, причината зошто тимовите имаат различен пристап кон одбраната на корнерите обично ќе зависи од составот на нивниот тим.
– Генерално, ако оставите еден играч во нападот, противникот ќе остави двајца до него. Но, повторно, се сведува на она што го имате во тимот. Има играчи што едноставно не можат да му помогнат на тимот во дефанзива и можеби е подобро да ги оставете напред – вели Парслоу. Н.М.