Ферстапен триумфира на трката во Јапонија, со што Ред бул ја осигура титулата кај конструкторите и е на чекор од одбрана на титулата меѓу возачите, оти сега има предност од 177 бода пред тимскиот колега Перез на шест трки до крајот на сезоната, од кои на три ќе има и натпревар во спринт
ФОРМУЛА 1 – Ред бул ја одбрани титулата, Ферстапен може да го направи тоа на следната трка
Двократниот светски првак во Формула 1, Холанѓанецот Макс Ферстапен ја забележа својата 13-та победа сезонава, а 11-та на претходните 12 трки или вкупно 48-та во неговата кариера, која се возеше на патеката „Сузука“, во Јапонија. Зад него низ целта помина Британецот Ландо Норис од Мекларен, а на третата е Австралиецот Оскар Пјастри, првпат во кариерата се најде на подиумот.
Ваквиот расплет во Јапонија значеше дека Ред бул стана шампион кај конструкторите втора година во низа, а шести пат во историјата (2010, 2011, 2012, 2013, 2022 и 2023). Истовремено, со овој триумф Ферстапен се најде на чекор од одбрана на титулата меѓу возачите, оти сега има предност од 177 бода пред тимскиот колега, Мексиканецот Серхио Перез, на шест трки до крајот на сезоната, од кои на три ќе има и натпревар во спринт. Холанѓанецот првата шанса за третата шампионска круна ќе ја има за 14 дена, на трката за големата награда во Катар.
– Неверојатен викенд за нас и одлично чувство за славје тука. Болидот работеше одлично без разлика какви се гумите, иако тие малку се лизнаа на стартот, но потоа трката беше само рутинска. Сепак, најважно е што го освоивме трофејот на конструктори. Горд сум на сите тука на патеката, но и на сите што работат таму во фабриката. Имаме неверојатна година – изјави Ферстапен.
Возачот на Ферари, Чарлс Леклерк го освои четвртото место, Луис Хамилтон од Мерцедес е петти, а на Ферари, Карлос Саинз шести. Седми беше Џорџ Расел од Мерцедес, осми Фернандо Алонсо од Астон Мартин, а бодови освоија уште возачите на Алпина, Пјер Гасли и Естебан Окон.
– Ова беше најневеројатната трка и година за нашиот тим, што е уште еден доказ за сите момчиња и девојчиња во фабриката во Милтон Кејнс. Ред бул и сите наши партнери вложија голем напор и со тоа придонесоа да се постигнат овие резултати – рече директорот на Ред бул, Кристијан Хорнер.
На табелата кај возачите води Ферстапен со 400 бода, а потоа следуваат Перез со 223, Хамилтон со 190, Алонсо со 174, Саинц со 150 итн. Кај конструкторите, Ред бул има 623 бода, Мерцедес 305, Ферари 285, Астон Мартин 221, Мекларен 172 итн. Г.И.
Деветти хет-трик за актуелниот шампион
На трката на патеката „Сузука“ во Јапонија вчера, четврти пат сезонава, Макс Ферстапен забележа т.н. хет-трик (први места во три категории) во еден тркачки викенд во Формула 1. Тој викендов прво низ квалификациите обезбеди пол-позиција (старт на главната трка од првиот ред), а потоа победи со извозен најбрз круг во текот на трката. Ваков резултат холандскиот возач сезонава имаше и на трките во Шпанија, Австрија и во Велика Британија. Вкупно деветти пат во кариерата актуелниот првак Ферстапен оствари т.н. хет-трик. Во оваа категорија води Михаел Шумахер со 22, пред Луис Хамилтон со 19, Џим Кларк е трет со 11, а четврти се Хуан Мануел Фанџо и Ферстапен.