Во една од експертските анализи по одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за оценување на уставноста на указот (и на Законот за ратификација на Преспанскиот договор), освен што се идентификува појавата дека „се воведуваат нови уставни практики“ (со кои му се одземаат надлежностите на претседателот на државата), од страна на експертите се детектира и тоа дека „се анулира универзалното неприкосновено, неотстапно и неотуѓиво право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ и на државата Македонија!“

Експертски реакции по одбивањето на иницијативите за оцена на уставноста на Преспанскиот договор од страна на Уставниот суд

Одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка за иницијативите за оцена на уставноста на Преспанскиот договор, како и за указот за законот за негова ратификација, не престанува да ја бранува експертската јавност во земјава и во странство. Ваквата одлука на македонскиот уставен суд беше ставена „под лупа“, при што реномирани домашни и странски уставноправни експерти детектираа тешки недоследности. Она што особено предизвика реакција од образложението на уставните судии за таквата одлука е делот на експликацијата на претседателката на Судот, Добрила Кацарска, дека: „Уставниот суд цени дека указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува закон, указот не се укинува посебно“.

Професор Јанев: Указот ИМА нормативна природа и нормативен карактер!

Извонредно силен одек во експертската јавност предизвика образложението на уставните судии за причината што ја истакна претседателката на Судот, Добрила Кацарска, дека: „Уставниот суд цени дека указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува закон, указот не се укинува посебно“.
Децидниот одговор за „Нова Македонија“ дава реномираниот професор и меѓународноправен експерт од највисок ранг, проф. Јанев.
– Указот за кој сите судии велеа дека „нема нормативна природа“, всушност ИМА нормативна природа и нормативен карактер, бидејќи се работи за нормата (содржана во него), која овозможува постапка за носење на Законот за ратификацијата на договорот.
Ако и земеме на пример дека указот е само дел од носењето на законот (т.е. има само процесен карактер), дури и тогаш во целина ваквиот правен акт има нормативна, а не „декларативна“ природа – смета универзитетскиот професор по меѓународно право Игор Јанев.
Следствено на тоа, професорот Јанев смета дека „уставните судии погрешно го читаа Уставот за да се оправдаат во намерата да не поведат постапка. Но со истото тоа создадоа нова уставна практика, со која всушност го сменија Уставот“!

Уставниот суд го легализира чинот на перманентно грубо прекршување на Уставот!?

Еден од подносителите на иницијативите пред Уставниот суд за Преспанскиот договор, претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК), Тодор Петров, смета дека Уставниот суд го релативизира правниот инструмент – указ за прогласување закон.
– СМК ја критикува работата на Уставниот суд затоа што го релативизира указот за прогласување закон, дека и без потпис на претседателот на Републиката, законот се смета за прогласен, иако во членот 52 став 1 од Уставот многу јасно пишува дека закон и друг пропис што не е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ не е во сила и не предизвикува правно дејство! А, во членот 75 ставовите 1 и 2 од Уставот многу јасно пишува дека: „Законите се прогласуваат со указ, а указот го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието!“ Уставните судии легализираа грубо прекршување на Уставот, затоа што легитимираа злоупотреба на службената положба и овластување од страна на претседателот на Собранието во фуснота на указ без потпис од претседателот на државата, поради одговорност за неизвршување уставни должности на претседателот на државата, на ранг на уставна норма – се наведува во анализата на Светскиот македонски конгрес за пaоследиците од одлуката на Уставниот суд за одбивање на иницијативите.

Нова уставна практика за суспензија на уставниот поредок на Македонија(?!)

Во контекст на создавањето нова уставна практика, слично како професорот Јанев, став изградиле и СМК, врз основа на подлабока анализа и синтеза по ова прашање од повеќе реномирани светски експерти, при што сублимат со исклучително жестоки ставови образложи претседателот на СМК, Тодор Петров.
– Светскиот македонски конгрес (СМК), 33-та седница на Уставниот суд на Македонија по иницијативите за поништување на Законот за ратификација на спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година и на указот за негово прогласување, ја оценува за скандалозна и небулозна, а уставните судии за селективни, пристрасни и контрадикторни, кои со намерно погрешно читање на Уставот создадоа нова уставна практика за суспензија на уставниот поредок на државата Македонија.
СМК смета дека уставните судии на 33-та седница на Уставниот суд го потврдија злосторничкото здружение со марионетската влада за суспензија на правата и слободите на граѓаните и уставноправниот поредок на државата Македонија!
СМК смета дека со неповедувањето постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на спогодбата Димитров – Коѕијас и со отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен овој закон, како и со отфрлање на иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акта и нивната усогласеност со членот 3 од Законот за склучување, ратификација и извршување меѓународни договори и со Виенската конвенција за договорно право, уставните судии извршија флагрантно прекршување на домашното и на меѓународното право – се потенцираат низа контрааргументи за одлуката на Уставниот суд во ставовите на СМК, чиј претседател е Тодор Петров.

СМК: Очигледни индикатори за суспендирање на уставните надлежности на претседателот

Бидејќи, според Тодор Петров, уставните судии ги суспендирале членот 52 ставовите 1 и 2, членот 75, членовите 118 и 119 од Уставот на Македонија, а со погрешното читање всушност ги суспендирале уставните надлежности на претседателот, што може да биде преседан за идно игнорирање на претседателот од страна на Собранието.
– Имено, во членот 118 од Уставот децидно пишува дека „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“, но во членот 119 став 1 од Уставот се истакнува дека „меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува претседателот на Република Македонија“. Во случајов, спогодбата Димитров – Коѕијас е склучена од министер за надворешни работи, кој нема активна легитимација да склучи ваков меѓународен договор во името на државата Македонија, и затоа спогодбата не важи! Истовремено со билатерален договор не може да се менува меѓународното право, со што Уставниот суд ги суспендира и одлуката од референдумот на 8 септември 1991 година, на кој речиси четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, ГЛАСАА ЗА „суверена и самостојна држава Македонија“, и одлуката од референдумот на 30 септември 2018 година, на кој речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, НЕ ГЛАСАА „за членство во ЕУ и НАТО“ и не ја прифатија спогодбата Димитров – Коѕијас за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ! Одлуките на референдумот се задолжителни – се наведуваат од СМК уште неколку импликации од одлуката на Уставниот суд да не поведе постапка по иницијативите за оцена на уставноста на Преспанскиот договор.
Како заклучок во анализата се наведува дека Уставниот суд всушност ја отфрлил ништовноста на спогодбата Димитров – Коѕијас (Преспанскиот договор), според членовите 46 и 53 од Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година, бидејќи со билатерален договор не може да се суспендира меѓународното право, односно да се анулира веќе апсолвираното универзално неприкосновено, неотстапно и неотуѓиво право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ и на државата Македонија!
Покрај сите забелешки за Уставниот суд, иницијаторите се чувствуваат изневерено од уставните судии, бидејќи очекувале јавна расправа и по иницијативите за поништување на Законот за ратификација на спогодбата, но уставните судии воопшто не ги информирале за тоа.