Фото: ЕПА

Никогаш, никогаш не престануваме да веруваме додека не заврши натпреварот. Тоа не е од витално значење за мене или за играчите, туку за духот на овој клуб, вели Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид. Возбудливи мечеви со голови во последните минути имаше на повеќе дуели во првото коло, како Сосиедад – Интер, Галатасарај – Копенхаген, Лацио – Атлетико, Брага – Наполи, Баерн – Манчестер јунајтед…

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Новата сезона на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите (ЛШ), почна ефикасно, со просек од три гола по натпревар (за еден помалку од ланското почетно коло) и со просечна посетеност на стадионите од над 48.000 гледачи.
Меѓу напаѓачите, Роберт Левандовски го постигна 100-от европски гол (само трет фудбалер со таков ефект, по Кристијано Роналдо и Лионел Меси), Хари Кејн ја затресе мрежата на европски меч и за својот нов клуб, Баерн, а меѓу стрелците се запишаа и, на пример, Килијан Мбапе, Лирој Сане (постигна десет гола на неговите претходни десет натпревари од групната фаза на ЛШ), Серж Гнабри, Букајо Сака, Џуд Белингем (го постигна својот шести гол во неговите први шест натпревари за Реал Мадрид), Родри (тој беше стрелец на решавачкиот гол лани во финалето за Манчестер сити)…, како и еден голман, Иван Проведел.
Арсенал во стил го означи враќањето во Лигата на шампионите, со победата дома над ПСВ Ајндховен со 4-0, на другите дуели, вицешампионот од минатата сезона Интер постигна гол за реми на три минути пред крајот на дуелот со Сосиедад на гости, а возбудувања со голови во последните минути имаше и на дуелите Галатасарај – Копенхаген (2-2), Лацио – Атлетико Мадрид (1-1), на натпреварот во кој Наполи на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас на гости победи кај Брага (2-1), на дуелот на најтрофејниот клуб Реал Мадрид со дебитантот Унион Берлин (1-0), на најефикасниот дуел во ова коло, Баерн – Манчестер јунајтед (4-3)…
Реал Мадрид до победата стигна со последниот удар на пулсирачкиот натпревар на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, во кој четиринаесеткратниот европски првак доминираше и ја погоди стативата со волејот на Родриго и со ударот со глава на Хоселу, пред Англичанецот да погоди во 94. минута, ставајќи крај на силниот отпор на дебитантот во натпреварувањето, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Со тоа Реал Мадрид ја продолжи серијата голови, бидејќи не постигна погодок само на еден од претходните 69 натпревари во Лигата на шампионите на домашен терен.
– Ова беше комплициран тест, тие беа организирани, користеа низок блок, немаше многу простор да играме меѓу редовите. Не, не бев лут на полувремето. Поправив неколку работи, им реков дека ни треба поголема искористеност на енергијата, дека ќе се повлечат како што одминува натпреварот и тоа се случи. Второто полувреме бевме многу повнимателни на деталите. Бевме многу внимателни на нивните напади, каде што Унион Берлин е многу добар. Можевме да постигнеме гол порано, точно, но важно е да продолжиме да постигнуваме голови доцна. Никогаш, никогаш не престануваме да веруваме додека не заврши натпреварот. Тоа не е од витално значење за мене или за играчите, туку за духот на овој клуб – вели тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, пренесе УЕФА. Н.М.