Од првите денови на септември, со почетокот на учебната година и со работата на градинките во полн состав, почнаа моите генерациски средби. Не, не се тоа средби на една гимназиска или студентска генерација. Овие се од поинаков вид, средби на кои учествуваат деца од три и стари до 93 години. Различен состав: деца од претшколска, деца од школска возраст, млади мајки и татковци, баби и дедовци. Мегдан за собирање – детски маалски игралишта, дворови во градинките, училишни дворови.
Сите ние се собираме за да им угодиме на новопромовираните господари – нашите мали наследници. Значи, нашите средби се мултигенерациски, како што општеството ни е мултиетничко, мултирелигиско и мултикултурно и затоа дезорганизирано. Општеството е мултиетничко, а образованието моноетничко, еднонационално, што во превод значи расистичко и сегрегациско, далеку од европските и западните вредности.
Ние, горе наброените возрасни луѓе, се среќаваме точно во „нашиот термин“ во временски интервал кога треба да се земат децата и внуците од градинка или од училиште. Тоа е едниот терен. Другата фаза се одигрува на некои од забавните маалски паркчиња со реквизити за забава.
Сликата и атмосферата се чуден свет што не може да се види на друго место. Поинтересна е од преносите на седниците на Собранието и од дискусиите на народните пратеници. Само за еден час или за помалку време овде може да се види народот, не во собраниските клупи. Овде се водат искрени разговори за политика, за пари, за маки, за болести, за здравството, за општите состојби во државата. Овде ќе се чујат поплаки за погрешните временски прогнози, кои внесуваат збунетост при определувањето на дневните агенди. Но на тие терени се гледа како растат децата, што карактер и мускули развиваат.
Убавите, дотерани и фрустрирани мајки зборуваат за летните одмори, за непослушните деца, за свекрвите што немаат разбирање за нивниот премор. Не мора да сте некој со посебен естетски опит, а да не ги забележите низ нивната облека и фризура модните светски трендови. Упадлива колоритност, европски шмек. Ќе наслушнувате за лошите, арогантни и мобинг-менаџери и шефови. Ќе гледате на некои госпоѓи што не гледаат во своите деца туку со цело уво се врз мобилниот од што може да се заклучи дека не разговараат со сопругот за домашни грижи. И мајки со цигара во рака додека детето се тресе од плачење, а чувствителни околу родовата еднаквост ако им кажете некој лош збор за пушењето.
Тука среќавате татковци од разни профили и занимања. Модерни и едноставно облечени, иако веќе не се знае што е „кул“ во машката мода. Со скапи автомобили или на велосипед, мажи што молчат, други што се фалат и мажи што се жалат. Со мала анализа може да се дојде до заклучок дека жените владеат над мажите.
Не само меѓу редови, ќе чуете за тоа кое дете оди на часови по јазик, англиски се разбира, кое оди на тренинг по пливање, кошарка или фудбал, на тенис или атлетика. Кое девојче оди на балет или гимнастика. А одат речиси сите, повеќе како потреба за правилен развој одошто како мода, но и како социјален престиж. Не се исклучени оние родители во надеж дека од нивните деца можеби ќе се изродат таленти што утре ќе бидат научници, врни уметници или врвни спортисти, познати како Никола Јокиќ или Новак Ѓоковиќ, на пример.
Врти-сучи, сепак најмногубројна и најинтересна група во тие генерациски средби се бабите и дедовците, пензионери(ки) јуниори и пензионери(ки) ветерани. Еден дедо инженер што во својата професија се занимавал и со статистика ме убедува дека од сите што се собираме на овие мулти генерациски средби околу седумдесет отсто сме пензионери, повеќе жени, помалку мажи. Повеќе баби, во помал број дедовци.
Во нивните муабети ќе чуете разни поплаки за синови и снаи, за зетовци, за сватови и комшии. Ќе разберете што болести се шират низ Скопје и каде маслото е за два денари поевтино. Ќе научите понекој рецепт, ако сте љубител на вкусови, ќе чуете разни лични истории, комедии и трагедии, жал за младите години. Секој втор или трет ќе ви каже дека има син или ќерка што се преселиле во странство – Германија, Холандија, Канада, Америка, Австралија, Нов Зеланд. Ќе помислите дека од Тасманија до Алјаска е распрострена Македонија, зашто, нели, „до кај што има Македонец до таму е Македонија“.
Во оваа група кратки се паузите меѓу убавите зборови и кукањето за здравјето или за финансиската состојба. Вечна тема се докторите и аптеките со лековите. Ќе чуете дека вежбањето е лек, дека молитвата е лек, урамнотежена исхрана е лек, смеата е лек. Лекови се и позитивниот став, спиењето, љубовта кон ближниот, благодарноста, отфрлањето на огорченоста, непријателството и гневот. Лек да ти биле и читањето и хранењето на душата со духовност, разговор со саканите, прегратките, позитивното размислување, екскурзиите и прошетките во природата, добрите пријатели, простувањето на себеси и на пријателите. Конечно, пеењето на стари години да ти било некаков корисен лек. Така било со пеењето, за жал, нема ништо за пиењето.
Децата и внуците се нашата спојка. Сите се поздравуваме, малкумина се знаеме. Одвреме-навреме се прашуваме кој е од каде е, со што се занимава. Се воспоставува некакво пријателство што кратко трае. Секој чува понекоја семејна или професионална тајна. Едно од големите достигнувања што пристигнаа со капитализмот, со демократијата и со НАТО е што ја прифативме животната филозофија дека човек на човека му е волк. Секој си ја чува устата за да си зачува главата.
Децата и внуците се лек за поднесување на непријатните вести со кои телевизиите ги бомбардираат луѓето. Така велат оние што ја врват својата животна есен, а се надеваат на добра иднина за своите деца и внуци. Во македонски услови бабите и дедовците се минатото што ја создаваат иднината на својата држава.