Македонија е во групата Г, заедно со првиот фаворит Србија, Украина и со Португалија, а дуелите ќе се играат од ноември годинава до февруари 2025 година. Првпат ЕП ќе се игра во четири држави

КОШАРКА – ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Македонската женска репрезентација (моментно рангирана 75-та во светот) ќе игра во групата Г во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 година, заедно со првиот фаворит Србија (10-та), Украина (34-та) и со Португалија (48.), од ноември годинава до февруари 2025 година. Победниците на осумте групи, заедно со најдобрите четири второпласирани ќе играат на ЕП 2025.
– Целта останува иста како на претходните квалификации, а тоа е да се добијат некои натпревари. Веќе на првиот меч со Португалија, на гости, ќе ја бараме и првата победа. Се надевам дека во овие квалификации ќе ја немаме турбулентноста во составот како низ претходните, односно дека на натпреварите ќе настапиме во полн состав. Фаворитската улога ја има Србија, која добро знаеме со каков состав располага, како и нејзината константност да опстојува на врвот на европската кошарка во изминатиов период – вели македонскиот селектор Александар Ашаданов.
Првпат во историјата ЕП ќе се игра во четири држави, во Италија, Германија, Чешка и во Грција, а во Атина ќе се игра и завршната фаза на ЕП. Друга новина е и тоа што ќе биде формирана уште една квалификациска група. Таа ќе биде групата И каде што ќе играат токму организаторите, Италија, Германија Чешка и Грција, но без натпреварувачки карактер. Титулата од годинава ќе ја брани репрезентацијата на Белгија, која во финалето ја совлада Шпанија, а бронзата ја освои Франција. Србија досега двапати била европски шампион (во 2015 и во 2021 година), а Украина еднаш (1995-та).
Македонските репрезентативки ќе почнат со натпревари на 9 ноември со Португалија на гости, а три дена подоцна ќе играат дома со Србија. Г.И.


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ

А: Шпанија, Летонија, Холандија, Австрија
Б: Унгарија, Словенија, Бугарија, Финска
Ц: Белгија, Полска, Литванија, Азербејџан
Д: В. Британија, Шведска, Данска, Естонија
Е: Франција, Хрватска, Израел, Р. Ирска
Ф: Турција, Словачка, Романија, Исланд
Г: Србија, Украина, Португалија, Македонија
Х: БиХ, Црна Гора, Швајцарија, Луксембург
И: Италија, Грција, Чешка, Германија