Во САД расте популарноста на републиканецот со индиско потекло Вивек Рамасвами
Американскиот милијардер со индиско потекло Вивек Рамасвами изби на трето место во изборот на републиканските кандидати за прелиминарните избори, односно партиската номинација за претседателските избори за есента 2024 година. Тој оствари брз раст на популарноста и се наоѓа зад Доналд Трамп и второпласираниот Рон де Сантис. Поради сето ова тој е сѐ поинтересен за американските медиуми, додека тоа им станува проблем на демократите, со оглед на тоа што тој заговара тврда антиукраинска политика и ги изнесува своите „неконвенционални“ идеи.
Рамасвами: САД мораат што е можно поскоро да ѝ ја дадат источна Украина на Русија!
Вивек Рамасвами, како и мнозинството републиканци, е целосно фокусиран на Кина и на американско-руските односи, кои има намера да ги оживее. Но под услов Русија да се согласува со САД во конфронтација со Кина.
На пример, Вивек Рамасвами во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека САД сега се соочуваат со реална закана од руските хиперсонични ракети и кинеската морнарица, плус економска зависност од Кина. Затоа, според него, САД мораат „што е можно поскоро да му ја дадат источна Украина на Путин и да го скршат цврстиот сојуз на Русија, Кина и Северна Кореја – КДРК“.
– Постои и резервна опција што ги задоволува интересите на Соединетите Американски Држави. Ако Путин го одбие овој договор, можеме да поставиме тешки барања до него. Тоа може да биде итен прием на Украина во НАТО, може да има секакви последици за Русија и кампања на максимален притисок во економска смисла. Но, под условите што ги предлагам, Путин нема да има причина да го стори тоа. Руско-кинескиот сојуз е најголемата закана со која се соочуваме во моментов – рече Рамасвами.