Министерството за правда го подготви предлог Законот за амнестија, со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела. Се очекува тој да биде усвоен на наредната седница на Влада, соопштија денеска од Министерството за правда.
Предлог законот бил доставен и до координаторите на пратеничките групи во Собранието, кои треба да дадат свои забелешки и сугестии.
– Целта е да се овозможи рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа – се појаснува во соопштението.
Со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната. Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30 проценти од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.
– Амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353 , „Несовесно работење во службата” од член 353-в, сите од Кривичниот закон, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово базирано насилство – потенцираат од Министерството за правда.
Амнестијата не се однесува за кривични дела „Разбојништво” од член 237 став 5 и „Разбојничка кражба” од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела „Измама на штета на средства на Европската Унија” од член 249-а, „Перење пари и други приноси од казниво дело” од член 273, „Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353, „Несовесно работење во службата” од член 353-в, „Примање поткуп” од член 357, „Давање поткуп” од член 358, „Давање награда за противзаконито влијание” од член 358-а и за „Примање награда за противзаконито влијание” од член 359, сите од Кривичен законик.
– Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Амнестијата не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија. Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон – наведуваат од Министерството за правда.
Очекуваат поддршка од сите пратеници за ова законско решение.