Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ

Најстарото ривалство во меѓународниот фудбал се играше синоќа во Глазгов, помеѓу репрезентациите на Англија и на Шкотска, пријателски натпревар по повод 150 години од првиот меѓународен фудбалски натпревар. Двете селекции првпат играа меѓу себе на 30 ноември 1872 година, во Глазгов, а дуелот завршил нерешено, 0-0.
Шкотска го заврши дводецениското отсуство од турнирите со пласманот на Европското првенство што се играше во 2021 година, а во новиот циклус има пет победи по ред во својата квалификациска група за пласман на ЕП 2024. Англија, пак, без пораз води во групата Ц, во која се и Македонија, Италија, Украина и Малта.
Мечот синоќа беше 116-ти помеѓу Англија и Шкотска. Во раните години од ривалството Шкотска беше доминантна, победи на 10 од првите 16 натпревари, а, исто така, беше подобра и во 20-тите и 30-тите години на минатиот век. Дури во 1950-тите Англија почна повеќе да победува, ја воспостави најдолгата серија без пораз во историјата на ривалството, 10 натпревари без пораз од 1952 до 1961 година, а со победата со 2-0 на стадионот „Вембли“ во 1983 година Англија конечно поведе според бројот на победи во меѓусебните дуели, пишува „Би-би-си“. Пред мечот синоќа, Англија имаше 48 победи, Шкотска 41, а 26 дуели завршиле со реми. Н.М.