Меѓународна соработка

Еден поинаков први септември, исполнет со нови предизвици и пријателства за
учениците од трите основни училишта „Кочо Рацин“ од Охрид, „Веселин Маслеша“ од Белград, Србија, и „Веселин Маслеша“ од Фоча, Босна и Херцеговина.
Изминатата учебна година наставниците ги поставија темелите на мостовите на пријателството, а овој септември учениците ги трасираа тие мостови.
Четири дена дваесет ученици од ова училиште им беа домаќини на учениците од збратимените училишта од Белград и од Фоча.
Секоја година иницираме голем број вонучилишни активности, кои имаат цел да ги зајакнат социјалните вештини на учениците, да го подобрат нивното ментално здравје, да ги поттикнат нивниот личен раст и развој во насоката во која веќе пројавиле интерес или имаат претходни знаења и искуства и да им помогнат да се изградат во индивидуи што придонесуваат и се грижат за заедницата. Поврзувањето на наставниците од трите збратимени училишта поттикна креирање нов е-твининг проект, а сето ова ни беше инспирација да ја започнеме иницијативата „Мостови на пријателство“.

Големата поддршка што ја добивме од Советот на родители ни даде дополнителна мотивација да се приклучат поголем дел од наставниците во креирање и реализација на активности, кои ги реализиравме со учениците во текот на четири дена.
Активностите на учениците започнаа во предвечерието на 31 август со
запознавање со легендата за Билјана кај Билјанините Извори, каде што платното го белела, а продолжија со несекојдневната можност да го проследат првиот џез-фестивал и заедно со нивните наставници и директори уживаа во македонската музика.
Почетокот на учебната година го прославивме со повеќе работилници. Две од нив се реализираа во училиштето. Со работилницата „Да правиме промени“ уште еднаш покажавме зошто сме добитници на екоплакетата „Одлично училиште“ и плакетата е-твининг училиште, а со работилницата 3„Е“ покажавме колку грижа посветуваме на воспитанието на учениците и нивното ментално здравје, како и справување со емоциите, а со тоа започнавме со реализација на првата активност од низата активности што ни претстојат во реализацијата на нашиот нов е-твининг проект. Светот е отворена училница, а ние како училиште во секоја пригода се трудиме на нашите ученици да им го овозможиме тој процес на учење.
Учениците од трите збратимени училишта имаа можност да откријат зошто Охрид е град на УНЕСКО со природно и културно наследство
со посета на културно-историските споменици во стариот дел на градот и уживање во водите на прекрасното Охридско Езеро. Вечерните часови беа можност за дружење и забава со одлична музика.

Третиот ден учениците ги истражија убавините и историјата на Заливот на Коските и манастирот „Св. Наум“, а попладневните часови ги поминаа на терените од хотелот „Аквалина“. Водени од идејата дека преку спортот создаваме генерации, кои пред сѐ ќе прераснат во млади луѓе со добри човечки особини, но и со одлични спортски способности, за учениците беа организирани спортски игри. Со низа спортски активности се јакнеше натпреварувачкиот дух, учениците спортуваа, се натпреваруваа, но пред сѐ добро се забавуваа.
Со прекрасни спомени и солзи во очите, со желба за повторна средба го завршивме првиот чекор од многуте, кои ќе ги одиме по овој мост на пријателството.
Децата имаа можност заедно да соработуваат, да разменат вештини и знаења, да создадат решенија, да искусат различни емоции, да го јакнат натпреварувачкиот дух, да растат на лично поле, но и како тимски играчи, да се дружат и забавуваат.
Ние докажавме дека мостовите на пријателството се најцврсти кога се изградени на цврсти темели од соработка, размена на идеи и вештини.

Со почит,
Вработените и учениците во ОУ “Koчo Рацин“-Oхрид