Со Соња сме другари од деца. Малку е постара од мене, ми беше како постара сестра. Заедно ја обожававме „Азра“. На памет ги знаевме сите песни, ги пеевме, скокавме, одевме на нивни концерти, ги толкуваме текстовите на Џони. Соња живееше со мајка ѝ, татко ѝ и брат ѝ, си имаше своја соба. Прекрасна фамилија, хармонија, слога. Татко ѝ, кога ќе нѐ чуеше, ќе седнеше со нас и ни велеше: „Добро бе, деца, каква е оваа музика? Бучава, не се разбира ништо?“ Потоа ќе отидеше во својата соба и ќе донесеше лонгплеј-плоча и ќе ја пуштеше „What a wonderful world“ на Луис Армстронг, секогаш истата. Од почит ќе ја ислушавме и кога ќе си отидеше пак ја пуштавме „Азра“. Цело време ја зафркававме Соња дека се преправа дека е рокерка, а во суштина е романтична душа, која дома го слуша само Луис Армстронг. Еден период ја снема, татко ѝ ги напушти, беше гневна, нејзиниот идол, заштитник, херој си замина од нејзиниот живот тукутака. Секојпат кога ќе ја посетевме, таа седеше и ја слушаше омилената песна на татко ѝ. Подоцна замина во странство, престанавме да комуницираме.
Пред некое време ѕвони домашниот телефон, кревам слушалката, а од другата страна се слуша „What a wonderful world“ и познат глас: „Ете, по 24 години успеав да соберам храброст и да ја пуштам песнава. Ми се враќаат спомените, посебно на татко ми. Сега кога видов дека не е сѐ црно и бело, откога и ја се разведов, многу ми е криво што не му прозборев до крајот. А тој се јавуваше со оваа песна и молчеше на телефон. Знаев дека е тој. Само еднаш ми кажа дека имал прекрасен живот и може да умре како среќен човек, единствено не можел да преболи што не ги држел своите внуци во раце“. Потоа си направивме муабет, рековме дека пак ќе се чуеме. Отидов да положам цвеќе на гробот на татко ѝ од нејзино име, како извинување, како последен поздрав, како ослободување од некое тешко време.
А песната „What a wonderful world“ е вонвременска, химна на среќата, прослава на животот. Има многу обработки, но верзијата на Луис Армстронг нѐ носи низ разни светови. А стиховите од песната се толку едноставни, како што е едноставен и прекрасен животот дури и кога е најтешко.
Љупчо Давчев