КОШАРКА – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Репрезентацијата на Германија утре ќе игра со селекцијата на САД во полуфиналето на Светското првенство (СП) во кошарка во Јапонија, Индонезија и во Филипини, откако во четврт-финалето во Манила во неизвесен и драматичен меч ја совлада Летонија, со 81-79. Германија, која вторпат ќе игра во полуфинале на кошаркарско СП, го доби првото полувреме со 36-34, а имаше предност и од 74-60, но Летонците дури во последниот напад имаа шанса да дојдат до победа.

САД претходно во четврт-финалето ја совладаа Италија, со 100-63. Летонија денеска ќе игра со Италија за пласман од петтото до осмото место на СП 2023. Последното четврт-финале на годинашниот Мундијал се играше вчера попладне, помеѓу Словенија и Канада, а победникот утре ќе игра во полуфиналето со Србија, која претходно ја надигра Литванија, со 87-68. Г.И.