Борбата против високите цени повторно влегува во институционална фаза
Дали комисијата за заштита на конкуренцијата ќе успее да открие евентуално постоење на т.н. „меѓукомпаниско договарање“ на цените во прометот со храна е многу неизвесно. Но се чини дека ваквиот потег на извршната власт беше изнуден под притисок на граѓаните и на јавноста, кои реагираа на превисоките цени на храната во однос на другите земји од регионот
До комисијата за заштита од конкуренција денеска би требало да биде доставена лична претставка од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за да се провери дали трговците здружено ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи!? Претставката се однесува на преиспитување на „намерите“ на млекопреработувачите, но и на другите индустрии, кои во изминатиот период најавуваат дека ќе ги зголемат цените на своите производи.
Со доставување на претставката ќе биде задоволен и „формалниот аспект“ за да може да реагира комисијата за заштита на конкуренција, која во изминатиот период на неразумниот пораст на цени на храната во Македонија се држеше понастрана или „се прогласуваше за ненадлежна за сето тоа што се случуваше на македонскиот пазар“. Дали комисијата за заштита на конкуренцијата ќе успее да открие евентуално постоење на некакво „меѓукомпаниско договарање на цените во прометот со храна“ е многу неизвесно. Но се чини дека ваквиот потег на извршната власт беше изнуден под притисок на граѓаните и на јавноста, кои реагираа на превисоките цени на храната во однос на другите земји од регионот, а особено во однос на цената на лебот, млекото и на земјоделските производи.
Септември – најтешкиот месец за семејниот буџет
Со почетокот на септември расте и притисокот врз месечниот семеен буџет поради повисоките трошоци поврзани со почетокот на учебната година, но и поради традицијата на македонските граѓани да приготвуваат зимница за поевтино да го поминат периодот кога цената на храната е повисока. Намалената понуда на домашни земјоделски производи ги зголеми цените на црвената пиперка и на доматите, без кои не може да се приготви традиционалната македонска зимница (ајварот, лутеницата итн.). Цените на пиперките ајварки достигнаа минималната цена од 70 денари за килограм, но колку ќе биде во следните недели ќе зависи од побарувачката односно од длабочината на паричникот на граѓаните.
Паралелно со високите цени на зелените пазари, од одредени деловни лоби-групи, според нашите соговорници, се создава медиумска атмосфера за нови поскапувања на лебот и на млечните производи. Прво беше обидот на македонските мелничари и пекари, за зголемување на цената на лебот, но потоа беа принудени самите да се демантираат, кога беа соочени со фактите дека нема поскапување на основните суровини за пекарските производи. Истото тоа се случува и со најавите за „млечна криза“, која од некои производители на млеко беше прогласена за вештачки обид за се постигнат повисоки цени. Цените на млекото, сирењето и кашкавалот засега се добри, а секое нивно зголемување нема да биде оправдано, смета поголемиот дел од производителите на млечни производи.
На денешната седница на Владата, како што најави Битиќи, ќе биде донесена и мерка во делот на млечната индустрија поради недостигот од млеко, со што производителите ќе може соодветно да интервенираат.
– Ние не може да им ги намалиме цените за тие да работат со загуба. Тоа никој не го очекува, но исто така не можеме да дозволиме на грбот на производителите и на грбот на граѓаните, најголемиот профит да го прават оние што ги продаваат продуктите – рече Битиќи.
Соодветен институционален интегрален пристап за граѓаните да ги почувствуваат придобивките
Производителите и трговците порастот на цените на храната го правдаат со тоа што во текот на долгиот период додека кај нас беа замрзнати, другите влезни цени, суровините, енергентите, материјалите, постепено и константно растеа.
Септемврискиот ценовен бран, според компаниите, е само пазарно израмнување.
– Движењето на цените и нивното менување зависи од повеќе фактори, а трговците се последните во синџирот. Цените се креираат врз основа на варијабилни фактори, кои кај нас беа вештачки замрзнати и сега со актуелните промени на пазарот ја создаваат оваа состојба. Ова е главната причина Владата со стопанството заеднички да создаде мерки за справување со економската состојба на граѓаните пред сѐ, но и за одржливост на пазарот. Моментално сме во ситуација во која надлежните во недостиг од стратегија и соочувајќи се со повратниот удар од избрзаните и неконсултирани мерки, сега бараат виновник за состојби што се природни и се дел од пазарно движење – изјави Сашо Дукоски, претседател на Трговската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.
Од компаниите во трговската дејност очекуваат дека Владата ќе се одлучи да креира стратегија за борба со инфлацијата, но соодветна за сите учесници на пазарот и граѓаните да ги почувствуваат придобивките. Во дефинирањето на мерките треба да бидат вклучени сите фактори од синџирот на производство, набавка и продажба. Трговците со храна се против замрзнување на цените, а нивното намалување може да се оствари преку намалување на ДДВ или со други фискални олеснувања за производителите на храна и за земјоделците. М.Ј.