Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Словенија по повод учеството на Бледскиот стратешки форум, вечерва присуствуваше на работна вечера во организација на словенечкиот премиер Роберт Голоб.
-Лидерите ја искористија можноста за дискусија врзана со европската интеграција на земјите од Западен Балкан како и напредокот на реформските процеси што се смета за најдобра инвестиција за земјите од регионот – јави известувачот на МИА од Блед.
На работната вечера покрај премиерот Ковачевски учествуваа претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, како и премиерите на Албанија Еди Рама, на Хрватска Андреј Пленковиќ, на Бугарија Николај Денков, на Косово Албин Курти, на Србија Ана Брнабиќ, на Црна Гора Дритан Абазовиќ и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Словенија Тања Фајон.
Како што е најавено, Ковачевски ќе оствари билатерална средба со Мишел на која се очекува да стане збор, меѓу другото, и за актуелната состојба во земјата во контекст на уставните измени.
Ковачевски утре ќе се обрати на лидерскиот форум а потоа се очекува да има билатерални средби со специјалните претставници за Западен Балкан на ЕУ Мирослав Лајчак и на Обединетото Кралство сер Стјуарт Пич, како и други.
Премиерот Ковачевски на активностите ќе биде придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои исто така ќе имаат обраќања на панели на Форумот.