Соединетите Американски Држави (САД) предупредија дека Русија ќе ги прекрши резолуциите на ОН доколку склучи договор за набавка на оружје со Северна Кореја.
– Секој облик на безбедносна соработка или договор за оружје меѓу Северна Кореја и Русија несомнено би прекршил голем број резолуции на Советот за безбедност на ОН – изјави за новинарите портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател.
На почетокот на минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин во изјава за јавноста се заложи за поблиска соработка со Пјонгјанг со порака до севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Од друга страна, севернокорејскиот лидер ја истакна потребата од „продолжување на развојот на стратегиската и тактичка соработка меѓу двете земји на полето на безбедноста и одбраната“, се наведува во пораката на министерот за одбрана Канг Сун-нам што им беше прочитана на учесниците на безбедносен форум што се одржа во близината на Москва, на кој се повикуваат руските новински агенции.
САД се сомневаат дека Москва сака да купи оружје од севернокорејскиот сојузник.