УЕФА бара од Динамо да спроведе стратегија за искоренување на фудбалското насилство поврзано со клубот

ФУДБАЛ – ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА ВО ЕВРОПСКИТЕ НАТПРЕВАРУВАЊА

Дисциплинската комисија на Европската фудбалска унија (УЕФА) го казни загрепски Динамо со забрана за организирана поддршка на навивачите до крајот на сезоната во сите европски натпреварувања поради инцидентите и тепачките со симпатизерите на АЕК во Атина, ноќта меѓу 7 и 8 август, пренесуваат хрватските медиуми.
Како што е познато, во таа ситуација беше убиен еден навивач на АЕК, а осум лица беа повредени, при што полицијата уапси повеќе од 100 хулигани, главно хрватски државјани, кои моментно се во притвор.
УЕФА го откажа мечот во Атина и нареди двата клуба да го сменат местото кој ќе биде прв домаќин. АЕК победи со 2-1 на гости во првиот меч од третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) во Загреб, а во реваншот во Атина беше 2-2, па така, АЕК ќе игра во плејофот во ЛШ против Антверпен, додека Динамо ќе се сретне со Спарта во плејофот во Лигата на Европа, пренесе Танјуг.
Според оцената на УЕФА, сите натпревари на кои ќе гостува Динамо се сметаат за високоризични поради навивачите на овој клуб. Тоа, за жал, го потврдија тешките инциденти на навивачите на Динамо во Атина. УЕФА бара од Динамо да спроведе стратегија за искоренување на фудбалското насилство поврзано со клубот. Во наредниот период УЕФА очекува извештај со детали за планот за решавање на овој проблем, се наведува меѓу другото во соопштението на УЕФА, пренесе хрватски „Индекс“. Г.И.