Српската полиција на територијата на Краљево и Лозница уапси седум лица кои се осомничени дека се членови на криминална група, која крадела луксузни автомобили во земјите од Европската унија и ги продавала во Србија, пренесе Бета.
Уапсени се организаторите на групата Г.Т. (55) и Ж.Ч.(46), како и А.К.(32), Љ.Г.(40), Д.Ч. (20), Д.С. (43) и М.С. (48), кои полицијата ги обвинува за сторени кривични дела здружување за извршување кривични дела, измама, перење пари, фалсификување исправи и прикривање, се вели во соопштението на МВР.
Во таа акција привремено се одземени автомобили од висока класа, луксузни кампери, како и комбиња, кои, како што се наведува во соопштението, биле модифицирани во однапред обезбедени гаражи, работилници и подоцна се продавале, врз основа на што осомничените оствариле повеќемилионска противправна имотна корист.
При претресот на становите и работилниците на осомничените се пронајдени и привремено одземени десетици илјади евра, стотици илјади динари, оружје и муниција во недозволено поседување и поголема количина автоделови.
Пронајдена е и електронска опрема за менување на броеви на шасија и мотори, како и поголема количина фалсификувани придружни документи и регистарски таблички.