Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во своето 14-то издание ќе се одржи од 17 до 24 август во Скопје. Фестивалот ќе се одржи под мотото „Пресечи“.
– Во фокус ја поставуваме монтажата на документарниот филм. Фестивалот ќе се одржи на четири локации – „Куршумли-ан“, платото на Музејот на Македонија, Младинскиот културен центар, „Даутпашин амам“ и нашето ново летно кино во „Сули-ан“. Најавуваме богата фестивалска програма со повеќе од 100 странски гости, професионалци од документарниот свет – истакна Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Отворањето на фестивалот е на 17 август во „Куршумли-ан“, со проекција на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција) и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), проследени со концерт на локалната група „Искра“. Земја во фокус годинава е Данска.
– Како и секоја така и оваа година, доста долго време гледавме и ги „динставме“ документарните филмови за на крајот да пресечеме и измонтираме програма со околу 75 филма, кои ќе бидат прикажани на „Македокс“. Монтажата како процес на работа и барање повеќеслојност во филмската документарна приказна е во фокусот на годинашното издание, а по тој повод и земја во фокус одбравме да биде Данска. Заедно со Данскиот филмски институт скроивме програма од 12 дански долгометражни филмови, а го поканивме и светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд да одржи работилница, со оглед на тоа што данските документарни филмови се секогаш добро скроени, дури доведени до перфекција при монтирањето на филмот – рече Петрула Вељановска од програмскиот тим на „Македокс“.
Со проекција во рамките на главната програма на 21 август во „Куршумли-ан“ ќе се одржи македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ на режисерката и сценарист Петра Селишкар. Станува збор за најново документарно остварување на авторка.
Мастеркласовите посветени на процесот на монтажа ќе ги одржат српската режисерка Мила Турајлиќ и хрватскиот монтажер Владимир Гојун на 19 и 20 август во „Даутпашин амам“. Мастеркласот на Турајлиќ ќе биде поврзан со диптихот документарни филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“, кои ќе бидат прикажани во главната програма на 20 август во „Куршумли-ан“. Инаку, Стеван Лабудовиќ бил личниот снимател на Јосип Броз Тито.
Како продолжување на претходните успешни искуства, оваа година ќе има работилница за монтажа со данскиот монтажер Јеспер Осмунд и со данскиот критичар Ту Стин Милер. Работилницата ќе се одржи онлајн на 15 август и ќе продолжи од 18 до 20 август. За работилницата се одбрани четири проекти во фаза на постпродукција од Балканот.
Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден во 18 часот во „Куршумли-ан“ и сегментот „Ноќни приказни“, каде што она што зборовите не можат да го искажат ќе биде оставено музиката да го каже со настап на локални бендови. За време на фестивалот ќе се одржи втората сесија на петтата генерација „Докуникулци“, кои се дел од работилницата за креативен документарен филм. „Македокс“ во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови што биле дел од програмата „Анидок“. С.Ј.