Владата денеска на 177 седница донесе одлука за испраќање сто припадници на Армијата на Република Македонија за учество во хуманитарна операција во Република Словенија.
-Согласно одлуката, се испраќаат 100 припадници на Армијата кои ќе помогнат во санирањето на последиците од поплавите кои ја погодија Република Словенија, а согласно барањето проследено од страна на NATO EADRCC, доставено од страна на Република Словенија, соопшти владината прес-служба.
Припадниците на Армијата се испраќаат за период од триесет дена за учество во давање помош на Република Словенија.
-Република Северна Македонија, како и досега, продолжува да се става на располагање и солидарно учествува во разни хуманитарни мисии и акции во погодени подрачја од природни непогоди и катастрофи, се наведува во соопштението од Владата.
Министерот за Информатичко општество и администрација, Азир Алиу изрази солидарност со народот на Словенија, откако земјата беше зафатена од катастрофални поплави, во кои загинаа најмалку шест лица и предизвикаа голема материјална штета.
– Дождовите и свлечиштата, кои започнаа во четвртокот, поплавија големи делови од Словенија. Ја изразувам мојата срдечна солидарност до народот на Словенија кој е погоден од катастрофалните поплави. Нашите мисли и молитви се со нив во ова тешко време. На повредените им посакувам брзо оздравување и контрола на ситуацијата, објави на социјалните мрежи Алиу.
Дождовите и свлечиштата кои започнаа во четвртокот, поплавија големи делови од централна и северна Словенија.