Во однос на преминувањето на грчката граница на навивачите на Динамо Загреб, нивното патување во Грција и нивното пристигнување на местото на инцидентите, нема да штедам зборови, недозволиво и неприфатливо е, бидејќи е под можностите и докажаните способности на грчката полиција, која иако брзо уапси 98 лица, потфрли во делот на превенција и спречување, рече министерот за заштита на граѓаните на Грција, надлежен за полицијата Јанис Иконому, јави дописничката на МИА од Атина.
Токму затоа, објасни Иконому, дал наредба до началникот на грчката полиција да бидат сменети одговорните на седум сектори во полицијата, односно надлежниот за справување со насилство во спортот и одговорните во шест сектори на сообраќајната полиција на потегот од градот Јанина до Коринт.
Навивачите на Динамо Загреб во Атина пристигнале по копнен пат, а во Грција влегле преку Албанија.
Од опозициските партии СИРИЗА и ПАСОК преку соопштенија реагираа за изјават и одлуката на Иконому и побараа да си поднесе оставка од позицијата министер за заштита на граѓаните.
Во синоќешните инциденти меѓу навивачите на АЕК и Динамо Загреб убиено беше едно лице, осум се повредени, а уапсени се 98 лица.
Неа филаделфија, населбата во северниот дел на Атина, онаму каде што чука срцето на фудбалскиот клуб АЕК, денеска, исто како и цела Грција, е во неверување по убиството на 29-годшниот Михалис или Мајк како што го нарекуваат неговите пријатели-навивачи, јави дописничката на МИА од Атина.
Навивачите на Динамо Загреб и покрај забраната од УЕФА стигнаа во Атина, а денешниот натпревар од третото квалификациско коло во Лигата на шампиони е одложен.