Животни

Познато е дека домашните миленици носат голем бројни придобивки за развојот на децата, а едно истражување докажало дека тие влијаат и на бројот на алергии на храна кај децата.
Истражувањата покажуваат дека изложеноста на домашни мачки и кучиња во утробата или во раното детство доведува до помалку случаи на алергии на храна додека детето расте. Тестирани биле над 65.000 деца, а 22 отсто што биле изложени на домашни миленици имале помалку алергии на храна од оние што не биле тестирани, според наодите објавени во списанието „ПЛОС ван“. Истражувањето е направено во Јапонија.
Децата што биле изложени на домашни мачки имале помала веројатност да имаат алергии на соја, пченица и јајца. Кога биле изложени на кучиња, децата имале помала веројатност да имаат алергии на јаткасти плодови, јајца и млеко. Изненадувачки, децата што биле изложени на хрчаци имале 0,9 отсто поголеми шанси да имаат алергија на јаткасти плодови.
– Студиите што поставуваат вакви прашања се навистина важни бидејќи тие имаат многу релевантност во реалниот живот, а тоа вклучуваше многу деца – рече Џојс Ју, педијатриски алерголог и имунолог што работеше на истражувањето.
Алерголозите и имунолозите објаснуваат зошто поседувањето миленичиња доведува до помалку алергии на храна.
– Наодите од истражувањето може да ѝ се припишат на „хигиенската хипотеза“, која датира од 1989 година. Алерголозите се заинтересирани за можноста од влијанија од околината врз ризикот од алергиски болести. Во минатото се покажа дека ризикот од алергии, како што е поленската треска, е помал во зависност од бројот на браќата и сестрите и изложеноста на фармерите, така се роди „хигиенската хипотеза“ – вели Џонатан Там, лекар во центарот за алергија „Горес“ во Детската болница во Лос Анџелес.
Себастијан Лигвани, алерголог во болницата „Ленокс Хил“ во Њујорк, вели дека јапонските истражувања се конзистентни со оваа идеја, бидејќи да се биде покрај домашни миленици во утробата или во раното детство може да доведе до помалку случаи на алергии додека детето расте.
– Изложеноста на домашни миленици во матката или за време на раното детство го менува микробиомот на доенчето и на мајката на позитивен начин, што потоа промовира имунолошка толеранција кон алергени наместо развој на сензибилизација на алергија на храна – рече Лигвани.