Фото: ЕПА

Во првото коло, Нигерија (40-та на ранг-листата на ФИФА) ремизира со актуелниот олимписки првак Канада (седма), а во второто го победи кодомаќинот Австралија (10-та). Во досегашните дуели имаше и други изненадувања

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Репрезентацијата на Нигерија направи ново изненадување на Светското првенство за фудбалерки откако го победи кодомаќинот на Мундијалот, Австралија, со 3-2 во второто коло на групата Б. Во првото коло, Нигерија, 40-та на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), одигра нерешено, 0-0, со актуелниот олимписки шампион, селекцијата на Канада, која е седма на листата на ФИФА. Австралија (10-та на листата на ФИФА), која играше без Сем Кер, водеше со 1-0, но Нигерија направи пресврт.
Во таа група во третото коло играат Австралија – Канада и Нигерија – Република Ирска. Во осминафиналето ќе се пласираат по две најдобри репрезентации од секоја од осумте групи.
Во досегашните дуели на годинашното планетарно првенство имаше и други изненадувања, како победата на Нов Зеланд на мечот со Норвешка, 1-0, ремито 0-0 помеѓу Франција и дебитантот Јамајка, победата на дебитантот Филипини над Нов Зеланд…
Репрезентацијата на САД, чиј селектор е македонскиот стручњак Влатко Андоновски, ремизира 1-1 со Холандија во возбудливиот реванш од финалето на Светското првенство во 2019 година. САД и Холандија по две кола водат со по четири бода.
Линдзи Хоран израмни за актуелните првенки, откако Жил Рорд ги доведе Холанѓаните во водство во мечот од групата Е, во која Португалија ја оствари својата прва победа во историјата на светските првенства за фудбалерки, во мечот со Виетнам, 2-0. Во третото коло ќе се решаваат двата патника во осминафиналето на СП 2023, САД играат со Португалија, а Холандија со Виетнам.
По две кола досега во осминафиналето се пласираа Шпанија и Јапонија од групата Ц. Н.М.