Летни приказни од Зоолошката градина во Скопје
Деновиве сите вработени се ангажирани за разладување на нашите пријателчиња во Зоолошката градина во Скопје. Во овие жешки денови, секој момент го користиме за животните да бидат освежени и разладени. Вредните и грижливи зоонегуватели секојдневно им подготвуваа разни видови коктели од смрзнато овошје и постојано ги разладуваа и ги тушираа.
– Со омилените рипчиња ставени во смрзнати топки или коктели
се радуваа нашите морски лавови Кан и Гете. Дуња и Даела постојано беа туширани, а највесело беше во живеалиштата на најразличните фамилии мајмуни, патаси, лемури, капуцинери шимпанза, кај кои беше навистина права брканица кој поголемо парче лубеница ќе успее да земе. Сето тоа со својот објектив го снимија фотографите Ѓорѓи Личовски и Томислав Георгиев, чии фотографии цела недела масовно се ширеа, како во светските медиуми така и кај нас – вели м-р Татјана Гогоска, одговорна за односи со јавноста во Зоолошката градина во Скопје.
Таа дополни дека постојано и до крајот на периодот со високите температури, многу над вообичаениот просек за овој период од годината, вработените во зоолошката максимално ќе им го олеснуваат ова премногу жешко време на жителите, со цел тие полесно да го пребродат топлиот летен бран.
М.Т.