Во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп во полн ек е 15-та меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен“, која се реализира со поддршка на Министерството за култура. На колонијата, која завршува на 23 јули, творат 20 уметници од земјава и странство. Павлина Копано, Славица Танеска, Александра Димитрова, Мирјана К. Массети, Дамјан и Елена Ѓуров, Стефан Анчевски, Благојче Наумоски-Бане, Методи Исков, Маја Ралева Миладиновски, Филип Јовески, Филип Перески, Маја Таневска, Тони Чатлески, Верче Николоска, Славчо Павлески, Габриел Димитровски, Филип Ристески, Елена Пантелиќ и Марјан Стојаноски создаваат вредни дела што ќе останат во трајна сопственост на ЦК „Марко Цепенков“ и на државата.
Уметниците се задоволни што можат да се дружат, да разменуваат искуства и да создаваат дела во различни материјали.

– Многу се радувам што дојдов на колонијата, каде што се сретнав со убави луѓе, со одлични уметници. Многу е важно дружењето меѓу нас уметниците, бидејќи создаваме врски од цел свет. Прилеп е чудесен град, со убава организирана колонија. По вторпат сум на колонијата. Се погоди мал јубилеј – 15 години колонија и 10 години од моето прво учество. Мојата инспирација доаѓа од убавата природа од Македонија, од планините и езерата – вели сликарката Павлина Копано.
И за уметницата Александра Димитрова колонијата е предизвик.
– Уметниците творат во ателје и кога ќе излезат во природа добиваат енергија за создавање уметничко дело. Дојдов тука и убаво е. Се дружам со уметниците, задоволна сум од атмосферата. Изработив триптих на кој ги прикажувам моите емоции и гестови – вели Димитрова.

Дамјан Ѓуров додава дека колонијата овозможува дружење и творештво, во убава атмосфера, со убави луѓе.
– Ваквите колонии се одлични, тука добиваме можност преку работа да се надградуваме, да учиме од другите и да разменуваме искуства. Оставам две дела во метал и камен – вели Дамјан Ѓуров.
За Маја Р. Миладиновски колониите се убаво искуство.
– На нив треба да се истражува, да се внесува нешто ново, нестандардно. Работев со природни материјали со каширан малтер, кој е доста еластичен и стабилен. Употребував повеќе материјали со различни смоли, кои придонесуваат скулптурата да добие нови димензии и да има можност да се користи сликарството. Повеќе медиуми во едно – вели Миладиновски.
Создадените дела ќе бидат презентирани вечерва на отворено и на изложба во центарот, а ќе бидат претставени и во повеќе градови низ Македонија.

Ка.М.