Високите летни температури во Јужна Европа би можеле да доведат до трајни промени во навиките за патување, бидејќи сѐ повеќе туристи избираат поладни дестинации или летуваат напролет или наесен за да ги избегнат екстремните горештини. Според податоците на Европската комисија за патувања (ETC), бројот на луѓе што се надеваат дека ќе патуваат во медитеранскиот регион меѓу јуни и ноември веќе е намален десет отсто во споредба со минатата година. Во меѓувреме, како што пренесува „Ројтерс“, пораснал интересот за дестинации како Чешка, Данска, Ирска и Бугарија.
– Веруваме дека непредвидливите временски услови ќе имаат големо влијание врз изборот на патувања во Европа во иднина – изјави Мигел Санз од ETC за „Ројтерс“.
Податоците исто така покажуваат дека 7,6 отсто од патниците сега гледаат на екстремните временски услови како главна грижа за патувањето меѓу јуни и ноември.
– Британските туристи се меѓу оние што направија помалку резервации дома, а повеќе на Медитеранот, често со месеци однапред, бидејќи сè уште копнеат за бегство на плажа – изјави Шон Типтон од британската туристичка агенција АБТА.
Сепак, тоа може да се промени, бидејќи топлотните бранови стануваат побрутални. Научниците веќе долго време предупредуваат дека климатските промени, предизвикани од емисиите на штетни гасови поради согорувањето на фосилните горива, ќе ги направат временските катастрофи почести, посериозни и посмртоносни. Метеоролозите предвидуваат дека температурите следната недела би можеле да го надминат рекордот во Европа од 48,8 Целзиусови степени, поставен на Сицилија во август 2021 година, поттикнувајќи ги стравувањата од пораст на бројот на загинати.