„Македоника литера“ деновиве ја објави новелата „Во главата на Бруно Шулц“ на современиот германски писател Максим Билер, а во превод од германски на македонски јазик на Софија Поповска.
Максим Билер (1960) е наградуван писател, белетрист, новинар, колумнист, литературен критичар и денес најпознатиот еврејски интелектуалец во Германија. Приврзан е за традициите на централноевропското, а особено на еврејското творештво. Неговите текстови често ги отвораат прашањата за припадноста, идентитетот, семејството и љубовта, вината, антисемитизмот и наследството на нацисоцијализмот. Неговиот литературен пристап понекогаш е полемичен, понекогаш горко лут, но секогаш хумористичен и луциден.
Новелата „Во главата на Бруно Шулц“, досега преведена на 15 јазици, е првото дело на Максим Билер преведено на македонски јазик.
Во оваа новела, Максим Билер раскажува приказна за големиот еврејски писател Бруно Шулц. Во оваа магична, трагикомична, бурлескна новела, тој ни нуди патување до полскиот град Дрохобиц, во светот на Бруно Шулц, во 1938 година. Нè води во подрумот каде што Бруно Шулц, кој работи како гимназиски професор по уметност и сонува за писателска слава во Европа, му пишува писмо на Томас Ман. Тој се надева дека светски познатиот писател ќе може да му помогне да најде издавач во странство – тогаш конечно би имал причина засекогаш да ја напушти својата клаустрофобична татковина. Меѓутоа, знаците на претстојната апокалипса се непогрешливи, му го одземаат сонот и го хранат неговиот придружник – стравот. Во умот на Бруно Шулц се појавува визија за крајот на светот, предвидувајќи го тоа што, всушност, ќе се случи потоа во окупираната Полска. А резултатот е брилијантно напишано литературно дело, полно со црн хумор.
Преводот е поддржан од книжевната мрежа „Традуки“.