Рускиот претседател Владимир Путин вчера за првпат зборуваше за она што било разговарано на состанокот во Кремљ на кој присуствуваа 35 команданти на паравоената група „Вагнер“, вклучувајќи го и шефот на групата, Евгениј Пригожин.
Средбата се одржа само неколку дена откако борците на „Вагнер“ започнаа краткотраен вооружен бунт.
-Од една страна, на средбата дадов оценка за тоа што направија на бојното поле , а од друга страна, што направија за време на настаните од 24 јуни. Трето, им покажав можни опции за нивна натамошна служба, вклучувајќи го и користењето на нивното борбено искуство – рече Путин.
Според него многумина од присутните команданти сигнализирале согласност за неговата понуда да продолжат со воена служба во Украина, но не и Пригожин.
Путин, во интервју за рускиот весник „Комерсант“, беше прашан дали „Вагнер“ ќе биде задржан како борбена единица.
-Немаме закон за приватни воени организации! Едноставно не постои! Не постои таков правен субјект. Групата постои, но легално не постои! – рече Путин.
Во меѓувреме американското министерство за одбрана соопшти дека припадниците на „Вагнер“ повеќе не учествуваат во големи размери во борбените операции во Украина.