Темата што оваа година беше зададена беше и интригантна и поттикнувачка, но и мошне изискувачка – Омаж на Тјери Муглер
„Ангелот на ексцентричноста – Омаж на Тјери Муглер“ е насловот на модната ревија на институтот за мода „Изет Цури“. Нешто повеќе од очекувано вообичаена модна ревија на студенти по моден дизајн беше годишната презентација на завршните трудови на идните модни дизајнери на институтот „Изет Цури“.
На гламурозната модна ревија, која се одржа неодамна во НОБ, беа прикажани четириесет креации, како од студентите од сите студентски години така и од веќе етаблирани завршени студенти и од самите професори. Темата што оваа година им беше зададена, која преку својата сопствена имагинација требаше да ја искомуницираат и претворат во идентитетски дизајн, беше и интригантна и поттикнувачка, но и мошне изискувачка – Омаж на Тјери Муглер.
Муглер, кој по Скјапарели во 1920-тите години ќе се запише во аналите на светската мода како најголемиот авангардист, ги направи најдобрите костими, го создаде најпродаваниот парфем и го режираше најмодниот музички спот на 20 век. И токму како такво наследство, вредно за изучување и богато за поттикнување, Изет Цури, кој има работено со него повеќе од една декада, ќе го избере како менторска тема под која студентите во неговиот институт ќе создадат свои модели за завршната студентска изложба во 2023 година.
– Никој не може да остане имун на Муглер, а најмалку оние што творат во модата. Па беше интригантно како младите креативни умови го преточија неговото наследство во своја сопствена уникатна естетика. Се најдоа тука препознатливите форми од 1980-тите, карактеристичните корсетни облици, но и футуристички изгледи, па сè до венчални фустани. Општиот впечаток е дека секој од дизајните си искористил своја сопствена референца од естетиката на Муглер, па можеше да се види тука и реинтерпретација на легендарната морска школка што Карди Би ја носеше на доделувањето на наградите „греми“, костимот што наликува на гума, водениот фустан на Ким Кардашиан од килимот на „Мет гала“, преку корсетното палто што се идентификува со Бела Хадид и страничниот корсетен фустан што нè потсетува на Ирина Шајик, па сè до драматичните дизајни на најмладите дизајнери од посебната група на деца инспирирани од облеката на Кајли Џенер и Џери Хол – информираат од институтот.
Ревијата започна токму со дизајните на децата, сите на возраст од девет до 13 години, млади таленти кај кои поривот и пасијата за мода се рано препознаени, па професорот Изет Цури им дава можност да ја развијат од најрана возраст. Колку се навистина талентирани се докажа со довербата токму тие да ја отворат ревијата. Но тоа не е единствената посебност по која оваа едукативна установа се разликува од другите. Институтот има основна цел да создаде нови креативни генерации во областа на модата во Македонија, со агенда што од година на година го надградува својот перфекционизам. Од самото отворање на институтот во 2014 година до денес дејствува посветено и сериозно во едукацијата на младите талентирани луѓе за кои модата е пасија и потенцијална идна кариера. С.Ј.