Рецензија

За најновата книга поезија на Ристо Лазаров „Срце во мозокот“, во издание
на „Антолог“

Првата средба со оваа книга стихови збунува веќе со самиот необичен наслов (впрочем, како и претходната именувана „Чинук“). Срце во мозокот – дали со изборот на оваа навидум парадоксална синтагма (спој на емотивноста и интелектот), поетот, можеби, сака да ги изрази парадоксот и апсурдот на нашето совремие? И зошто „главатарите“ (како што се именувани денешните политички моќници), „се препознаваат / по срцата вгнездени во нивните глави“ – како што иронично ќе рече лирскиот субјект во воведната, истоимена песна? Дали се тие свесни за безумието и лудилото што го креираат? Или, пак, се раководат од емоции (и тоа негативни, како омраза, гнев), наместо рационално да се соочат со предизвиците? Како и да е, изборот на насловот на стихозбирката „Срце во мозокот“ е успешна поетска алатка, која провоцира со нагласената врска помеѓу емоциите и когницијата.

„Срце во мозокот“ ја следи композициската шема на претходните поетски остварувања на Лазаров; во духот на неговата „математичка поетика“, која тој некако по традиција ја практикува, и оваа книга е структурирана од седум циклуси со по седум песни, плус една воведна – насловната песна „Срце во мозокот“, која е стожерна (арспоетичка) за целата стихозбирка. Потресните поетски слики во оваа песна се предупредувачки и тие како сенки се надвиснале над нашата сегашност:

На бојното поле:
сомотско мече,
детенце со вкочанет поглед
и недосонет сон (…)
Никнуваат безмирисни цвеќиња,
во три смени бревтаат машините
за производство на омраза

Оваа поезија е ангажирана во една подлабока, егзистенцијална, а не дневнополитичка смисла, со право констатира Лидија Димковска по повод поетските валери на Лазаров. Зашто, војните не знаат за време и простор, а историјата и нејзините „катадневни бурлески“ (песна „Машина за перење“), се повторуваат: „Брчка по брчка Историја“ („Историја“); „Се врти тркалото на историјата“, „- што било, сега пак е“ („Тркало“); „Нови варвари низ отворените порти / ни влегоа низ животите / нови грабливки гракаат / над нашето небо / штрковите и ластовичките / одлетале безглаво во минатото“ („Нови варвари“); „Лево Содома, десно Гомора. / Блуд до блуд, општа заблуденост“ (Преселба“); „Распиштолена вселена, од Рим сѐ до Крим“ („Падот на империите“). Доволно е да се прошета низ насловите на циклусите на книгата „Срце во мозокот“ („Обезѕвездено небо“, „Падот на империите“, „Свети Ѓорѓи ја убива ламјата“, „На две мисли“, „Сенки во рајот“, „Господ во коцкарницата Моцарт“, „Брлив свет“), или низ насловите на одделни песни („Празнина“, „Муви без глава“, „Нови варвари“, „Никаквост“, „Од лошо полошо“, „Пред пеколот“…), за да се види дека во фокусот на интерес на нашиот поет, експлицитно или имплицитно, се некои актуелни теми низ кои прозборува современата епоха, но кои, истовремено, досегнуваат некои вонвременски хоризонти. Впрочем, како и кај секој вистински поет, индивидуалното и универзалното искуство, лирското (емоционално) и интелектуалното сознание, сегашното и историското време, локалното и светското наследство – кореспондираат, се преплетуваат и се прелеваат едно во друго.

Ацошоповски интонираните стихови на Лазаров во песната „Свети Ѓорѓи ја убива ламјата“ се речит пример за дијалогот помеѓу далечниот голем свет и нашето национално поднебје; во конкретниов пример воспоставен преку универзалниот култ на легендата за христијанскиот светец – симбол на триумфот над злото. Песната е комплексна, игрива, интертекстуална, заснована врз принципот на аналогија и симултанизам (хронотопско вкрстување на Чешка, Баргала и Венеција). Започнува со мото од прочуената поема „Америка“ на Ален Гинзберг: „Америко, кога ли ќе ја скончаме / војната меѓу луѓето“, што претставува цитатен интертекстуален модел, исто како и интерполираната македонска народна песна за Пирин Планина. Патем речено, стихови од македонски народни песни прозвучуваат и во: „Суви гранки“, „Лавежи“, „Тврдини“…, како сигнали на една константно негувана стилска разновидност во поезијата на Лазаров (покрај несомнените политички конотации).

Ристо Лазаров е поет што не живее затворен во својата „кула од слонова коска“, напротив! Тој не бега од реалноста на „светот стуткан на купче“ кој „пред беспаќето на постоењето / ги учи техниките на исчезнувањето“ (како што вели во песната „Млеко“), туку беспоштедно се изложува на ветрометот на животот, заземајќи еден критички став кон сите негови аномалии. Ете го во игра неговиот интелектуален ангажман, кој не го исклучува ниту емотивниот став, во духот на заложбите за „срце во мозокот.“ Илустративна во оваа смисла е сликата на оној „бабачко“ во песната „Не е да речеш“ кој „имаше цепелин во срцето: / никој да не чуе / кога ќе си ја надлетува / сопствената болка“, или ламентот на лирскиот субјект над исушената цреша во дворот – во песната „Суви гранки“, која го актуализира брехтовски интонираниот „разговор за дрвјата во мрачни времиња.“

Патем речено, флората и фауната во поезијата на Лазаров се една константна преокупација, во смисла на вечниот антагонизам: природа-цивилизација. Иако, по правило, нашиот поет зазема афирмативен став кон природата, анималното, не ретко, е дел од мозаикот на суровоста на човекот и светот во неговите стихови, како на пример во песната „Од лошо полошо“: „Тешко на светот / од ненаситните волци: / ништо добро нема / во нивните снајперски очи“. Воспоставената аналогија човек-волк, всушност, многу повеќе реферира на злото во човекот, отколку во волкот. Паралелата со животното има цел да ја потенцира врската со природата од која човекот, за жал, сѐ повеќе се отуѓува.

Метафоричното „занемување“ на поетите се провлекува и кај Лазаров во песната „Да бев што не бев“, во симбиоза со копнежот на поетот за „Поетска Република поубава од Вајмар“ како дом на поетите „прегрнати во мислите со старите мајстори.“ Омажот на плејадата македонски дејци во споменатата песна: Прличев, браќата Миладиновци, Зографски, Пулевски, Мисирков, Конески, Рацин, заедно со омажот на Шекспир, Толстој, Хемингвеј, Гогољ, Пушкин, Мајаковски, Булгаков, Орвел, Диздар, Зубац, Рилке, Бајрон, Гинзберг – кој проблеснува низ стиховите на „Срце во мозокот“, го гради Пантеонот на книжевни предци на нашиот поет. Честите реминисценции, пак, на филозофи, уметници, режисери, научници и други историски, реални ликови, ја потврдуваат мислата на Т.С. Елиот за поетот како еден вид катализатор, медиум во кој се соединуваат различни, понекогаш дури и диспаратни искуства. Оттаму и аналогијата со Рилке и неговата поетска теорија од романот „Малте Лаурис Бриге“, која гласи: „Стиховите не се, како што мислат луѓето – чувства, тие се јавуваат рано. Стиховите се искуства“.

Лазаров покажува и докажува дека всушност стварноста е изместена: Моцарт не е име на концертна сала, туку – на коцкарница („Господ во коцкарницата Моцарт“), „земјата се врти / во спротивна насока“ („Замаглен прозор“), сликата на новиот свет е „исчашена“: продавницата за детски играчки нуди „тенкови, топови, митралези и ракети / од сивомаслинеста пластика“, а „фашисти го одбележуваат / Денот на победата над фашизмот!“, протестира поетот-левичар („Машина за перење“). Вечниот бунтовник не ја поштедува од критички став ниту македонската политичка реалност: „Сите ја бараат симетријата на болката – / мечтателски гледаат кон југ / што сега е преименуван во север“ („Превртена желка“). Постапката на „очудување“ која, по правило, му е иманентна на поетскиот сензибилитет, добива одлики на референцијалност. Впрочем, критиката веќе ја определи поетиката на Ристо Лазаров како „поезија на проживеаното искуство“, зашто и самиот, честопати, во различни пригоди и по различни поводи изјавува дека пишува песни само „доколку ги открие во животот.“ „Суровите реалисти баш ги боли / за масовните срцебиења“ – оваа констатација во песната „Шаренило“ може да се смета за автопоетичка. Сепак, естетската функција останува врвен принцип на оваа поезија: „Чавките гракаат / во провалијата / на сегашноста“ („Не е да речеш“) и „секој го живее / својот век на вештерките“ кои „треба да те потсетат на мигот / на раѓањето на злото / и на вресоците, до небо“ („Век на вештерките“).

Каде е излезот? Во малите човечки радости – порачува поетот во лично обоената, интимна и по малку меланхолична песна „Никаквост.“ (Слична атмосфера провејува и во мошне трогателната песна „Сретнав во Прага една Светлана“). „Никаквоста“ на несносливата живејачка „при секое добро утро, добар ден“, по вечерната виртуелна средба со внуката во туѓина (преку мобилниот телефон), се трансформира во „некаквоста“ на сонот и трае „до првото добро утро“. Оваа топла човечка приказна која живот значи е надежта скриена во книгата-кутија „Срце во мозокот“ на Ристо Лазаров. За разлика од Пандорината, оваа кутија чека да биде отворена. Ви треба само „срце во мозокот“.

Лидија Капушевска
Дракулевска