КОШАРКА – ОД ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ ЕП ЗА МЛАДИНЦИ, ДИВИЗИЈА Б

Со оглед на тоа што станува збор за кошаркари на возраст до 20 години, кои се веќе „готови“ играчи, јасно е дека конкуренцијата ќе биде голема и тешка иако е ЕП од дивизија Б. Како конкуренти за највисок пласман ги гледам Чешка, Финска и Шведска, но и ние ќе се обидеме да се вмешаме во борбата за медалите. Мора да играме силна одбрана во текот на сите 40 минути за да бидеме конкурентни на првенството и да ја оствариме целта, вели македонскиот селектор Василев

Со денешниот натпревар со Чешка во СРЦ „Кале“ во Скопје (18.30 ч.), во првото коло од групата А, Македонија ќе го почне Европското првенство (ЕП) за кошаркари до 20 години, дивизија Б, на кое ќе настапат 20 репрезентации. Во четврт-финалето ќе се пласираат првите две селекции од секоја од четирите групи, а во елитната дивизија А ќе се пласираат репрезентациите освојувачи на медалите.
– Би сакал да одиме чекор по чекор. Во моментов најважно е да ја поминеме групата, па потоа можеме да размислуваме за сите опции. Од она што остана како впечаток досега, мора да играме силна одбрана во текот на сите 40 минути за да бидеме конкурентни на првенството и да ја оствариме целта. Со оглед на тоа што станува збор за кошаркари на возраст до 20 години, кои се веќе „готови“ играчи, јасно е дека конкуренцијата ќе биде голема и тешка иако е Европско првенство од дивизија Б. Сепак, сметам дека сме подготвени за она што нѐ очекува. Како конкуренти за највисок пласман ги гледам Чешка, Финска и Шведска, но и ние ќе се обидеме да се вмешаме во борбата за медалите – изјави македонскиот селектор Никола Василев, за интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).

Македонија вторпат по 14 години е домаќин на вакво континентално првенство. Натпреварите освен во СРЦ „Кале“ ќе се играат и во СЦ „Борис Трајковски“. Г.И.