Записи во несоница
Завршив средно економско, драг читателу, во Берово. Од немајкаде. Четирите години ми беа како затвор, ама за да не полудам, патолошки читав книги, а тука беше и мојата шаховска фасцинација. Ги листав сите шаховски списанија што ги добивав од Москва и Белград и ги анализирав омилените партии во нив. Значи, зборот ми е дека не ме бива ни најмалку за практична економска анализа. Тоа нека звучи како изговор за насловот на оваа колумна и со практична економска тема. Тука е мајстор мојот пријател Ристо Никовски, дипломиран економист. Но, ако тоа звучи утешително, драг читателу, јас и ти на оваа тема „Бехтел и Енка“, која секоја вечер практицистички ја вергла опозицијата, од што не можеме да заспиеме на „Заспиј ако можеш“, ќе проговориме од социофилозофски аспект, да го видиме појасно тој чуден феномен-чудовиште на модерната пред сè западна ариевска цивилизација облечена во фустанот на божемната демократија.
Но. Има две теории за постанокот на светот и човекот, драг читателу: еволуционистичка (дарвинистичка) и креационистичка (Господова). Втората ги има во епицентарот Бог и божественото. Кај првата, пак, во епицентар е волјата за моќ, а не за љубов и убавина, бидејќи на сцена е канибализмот во кој посилниот го јаде послабиот како закон за опстој. За поддржувач на таа теорија го обвинуваат и сјајниот Фридрих Ниче, иако е невин. Но за тоа другпат. Тaа е сурова и ја дава пред нас сликата на необожествениот човек и недоволно омозган во божја светлина на Галапагос, па сè уште ги влече по себе рептилните остатоци од него. Тоа е човекот што со својот темен канибалистички нагон откако уништи цели цивилизации и две светски војни. Тоа е светот на западната европска, а сега евроамериканска цивилизација.
Тоа, драг читателу. Така сега конкретно стигнавме и до корпоративниот канибализам на таа цивилизација, на „Бехтел и Енка“, турско-американска корпорација, како типична илустрација за неговото крвожедно лице. Таа дојде во жална и сиромашна Македонија да ни гради пат за да нè поврзе со Албанија (симптоматично) за цена од 1 милијарда и 600 илјади евра, а на крајот, како што стојат работите, според некои економски аналитичари, може да изнесува уште толку. Оти во лакомата уста на таа корпорација нашата влада веќе фрли 120 милиони, веројатно пенали, без да биде фрлена лопата труд. И ќе биде што ќе биде. Залудни беа напорите на опозицијата аналитички да го раскринка тој коруптивен криминал, за кој по брза постапка со европско знаменце беа донесени незаконски пет-шест закони од нашата влада, која во однос на народот исто така дејствува според законите на корпорациската профитабилна логика како корпорација што го дере народот. Оти и тие од власта дебело ќе се офајдат од амеро-турската корпоративна зделка. А дека и покрај сите разобличувања на овој мегакоруптивен скандал корпоративната машина на „Бехтел и Енка“ тргна со полн капацитет е и поддршката од американската амбасадорка Ангела Агелер, која кога дојде во Скопје прво што изјави е дека ѝ е најважна, во име и на Америка, борбата со корупцијата кај нас. Ама еве што испадна.
И сè е во ред во нередот. Работите ќе врват по својот пат. И не само тука кај нас, туку во целиот сиромашен свет по патот трасиран од моќните западни корпорации. Па, зарем е случајно, во тој контекст, зошто некој од надвор ја растури Југославија и ги зграпчи во сите републики телекомите, електростопанствата и другите капитални блага, златните кокошки што носат секоја минута купишта јајца. Тоа и таква е ситуацијата, драг читателу, на новото корпоративно, со западна генеза, робовладетелство во светот. Него западните либералкапиталистички филозофи, правејќи нè наивни, го правдаат со „демократскиот“ клуч на слободниот пазар што ја форсира конкуренцијата во која „способните“ излегуваат на површина, а „неспособните“ се дават. Но тука веќе не постои Бог. Тука се на дело предаторите на цивилизацијата, моќните корпорации кои уриваат сè пред себе, поставувајќи го на пиедестал нивниот единствен Бог, Златното теле на капиталот уште во втората половина на XIX век со силниот почеток на индустријализацијата против која со право, како што гледаме денес, се побунија романтичарите. Така и Томас Мор рече дека индустријата, мислејќи на текстилната, ги изела овците во Англија и Шкотска. По него, ингениозниот Маркс, пак, откри дека таа, подивена од лицето на првобитната акумулација на капиталот и новите капиталисти на историјата, почна да ги јаде и луѓето, „на трудот црниот народ“, како што велеше нашиот Рацин, кој ги обожаваше богомилите најмногу и поради нивниот социјален и христолик комунистички проект. Тие кои како и Достоевски многу подоцна ја сонуваа теократската држава на божјата правда и вистина.
Сепак, и покрај дефектите, капитализмот не престанува да се фали со својот хуманизам и демократија, потпирајќи се како на основен аргумент и понатаму на филозофијата на „слободниот“ пазар, кој рековме, драг читателу, е par excellence канибалистички. Тука наседна дури и сјајниот гениј Tесла, кој се одушеви од тој пронајдок кога стаса во Америка, па рече дека таа е сто години пред Европа, за по кусо време да се разочара, согледувајќи го неговиот канибализам, и да го промени мислењето: „Европа е сто години пред Америка“. Тој конечно се увери дека волјата за моќ (еве го пак Ниче, но и Шопенхауер) и за капитал функционира прецизно и безмилосно како онаа фатумска deus ex machina што ја среќаваме во античките трагедии. Тоа е Златното теле на капиталот, околу кое играа обредно и Евреите излезени од Египет во пустината, додека го чекаа Мојсеј да слезе од Синај со двете камени плочи со десетте божји заповеди, од кои ни една денес не важи за западниот ариевски и корпоративен систем, тој кој го создаде, како што вели Маркузе, „еднодимензионалниот човек“. Човекот што знае да консумира само материјални, но не и духовни богатства. Тој кој мисли само на логиката на цревата и газот, а не и со логиката на умот и разумот. Тоа, драг читателу, оти корпоративниот запад бргу-бргу го укина принципот на логосот, на мислењето како уметност на душата, онаа сјајна максима на Декарт „мислам значи постојам“. Ништо од тоа. Пропадна во бездна филозофијата на Декарт и на другите корифеи на француското и европското просветителство. Ликот на Макрон сјајно го илустрира тоа.
Но ние зацапавме во една голема тема тема, драг читателу. Да не заглавиме, оти неа не можат целосно да ја соберат во себе ни десетина дебели тома. Ние со тебе само нафрливме некои скици, како Гоја со своите страшни каприча за душевната слика на модерниот човек, некои хипотези, без разлика дали некому ќе му се допаднат или не.
И што да кажеме на крајот, враќајќи се на „Бехтел и Енка“ како архетипална слика на западниот крвожеден корпоративен капитализам, кому му е додадена еуфемистичката придавка либерален. Либералкапитализам. А Кина, демек нема поим од тоа. Таа си го тера од Западот омразениот комунизам. Точно е дека и на Запад во либералкапиталистичкиот свет борбата меѓу крупните корпорации не е многу нежна, но сепак таму постојат правила. Тие правила пак се бришат кога тие оперираат во инфериорниот економски и политички свет наспрема нив, каков што е, како што го гледаме тоа сега случајот со „Бехтел и Енка“ кај нас. Тука правилата и „правните“ норми ги диктира посилната страна, корпорацијата, покрај другото и затоа што добро го проучила претходно коруптивниот квалитет на владите кај кои оперира во сиромашните региони во кои најлесно и најслатко се цицаат пари. Така ќе биде сега и со „Бехтел и Енка“ кај нас, па ние конечно ќе ја видиме на дело, иако не по првпат, сликата на западниот либералкапитализам што ни се нуди дури како врв, како крајна точка на еволуцијата на човечкото општество. Дотаму што врз база и на таа слика, дали лично според свое убедување или по нарачка, Фукујама и ја напиша својата славна книга со ексклузивна (хипо)теза содржана уште во самиот наслов „Крајот на историјата“. А тоа е дека либералкапиталистичката deus ex machina е толку совршена во својот економски, либерален, политички и хуманистички механизам што ќе го укине секое недоразбирање меѓу луѓето, вклучувајќи ги тука и војните, кои, за жал, западната цивилизација секогаш ги мотивирала со грабеж на материјални богатства. Но сето тоа, драг читателу, паѓа во вода. И „Бехтел и Енка“ сега го потврдуваат тоа. Нивниот бог, како и богот на либералниот западен капитализам, не е ни Јахве, ни Буда, ни Вишну, ни Мухамед, туку Златното теле на капиталот!