Денес касарната „Чеде Филипоски-Даме“ во Кичево го одбележа патрониот празник 29-ти јуни, ден кога загина народниот херој Чеде Филипоски-Даме, чие име го носи кичевската касарна. На одбележувањето покрај припадниците на АРМ од градот домаќин, беа присутни и заменик командантот на Прва пешадиска бригада полковник Горан Петрушевски и претставници на боречката организација од Кичево.
По интонирањето на химните на Македонија и АРМ , пред бистата на херојот беа положени букети свежо цвеќе од страна на домаќините и гостите.
За животот и делото на патронот, зборуваше командантот на кичевската касарна потполковник Горан Трајаноски.
– Почитувани, големиот македонски син Чеде роден е во 1923 година во сиромашно семејство во гостиварското село Никифорово, токму тој Чеде уште од млади години застанал со пушка во рака да ја брани својата напатена и измачена татковина. Во својот краток век, народниот херој Чеде Филипоски-Даме, имаше бурен животен пат и успешна воено-политичка кариера. Од ѕидарски работник во младите години и член на партиската ќелија во 1941 година, стана командант на дивизија, а подоцна и член на АСНОМ-највисокото политичко тело на тогашна Македонија – истакна командантот на касарната потполковник Горан Трајаноски, кој во продолжение од својот говор хронолошки го опиша патот и растот на Чеде Филипоски во наредните години.
– Во 1941 година Чеде се враќа во својот роден крај Тој судбински бил поврзан со својот народ и активно се вклучува во големата и тешка НОВ.Во 1942 година станува член на месниот комитет за Гостивар и за кратко време поставен е и за секретар на Околискиот комитет на Гостивар. Пролетта 1943 година, заминува на терен во воена единица, каде политичката кариера ја заменува со воени активности.Во 1944 година го назначуваат за командант на 48 македонска дивизија на НОВ. Во борбените дејствија со херојство и неисцрпност, со својата храброст и неустрашливост се истакнува во борбите за ослободување на Кичево, Пресека, Кленоец, Подвис, Дебар, Локов и поширокиот реон на Дебарца. Срцето на големиот син, патриот и борец на Македонија престана да чука на 29 јуни 1945 година – додаде командантот Трајаноски.
З.А