„Едно знам, дека паметењето на народните борци светци било потребно за поколенијата, за да ги буди и повикува на работа.“ – Ѓорче Петров Нашите херои се симболи на совршенство – тие претставуваат некои од највисоките квалитети што се стремиме да ги постигнеме – храброст, сила, несебичност, патриотизам, родољубие, љубов…
На 28 јуни оваа година се одбележуваат 102 години од убиството на македонскиот великан Ѓорче Петров, кој во националната меморија на Македонците останува запаметен како еден од идеолозите на македонската самобитност и државност. Преку одбележувањето и чествувањето вакви личности, настани, движења, нашиот весник им овозможува на своите читатели, но и на пошироката општествена јавност, да се присетат на оние генерации што биле пред нас, да ги чествуваат нивниот лик и дело, да го продолжат трасираниот пат на патриотизам, родољубие, стремеж за просперитет и развој на својот народ и држава, но и да извлечат поуки за иднината. Прославата на годишнините или датумите исто така ни овозможува да ги потврдиме и утврдиме основните принципи врз кои беше основана современата македонска држава.
Ѓорче Петров како еден од идеолозите на македонското револуционерно движење настојувал моралните и политичките погледи да ги пренесе и на идните македонски генерации. Токму тоа го направил на 4 мај 1919 година во својата беседа што ја одржал пред македонските студенти во Бугарија по повод 16 години од смртта на Гоце Делчев.
Во својот говор, Ѓорче Петров меѓу другото истакнал: „Гоце ги сакаше студентите како младина… Јас го истакнувам тоа чувство на покојникот со цел да ви напоменам вам, на студентите, дека ќе може да се остане негов вистински почитувач само ако со него се споделуваат неговите душевни определби и доколку за нивната реализација се употребат знаењето, своето умеење да се служи со перото и зборот за распространување среде населението на неговите светли мисли и чувства, за негирање на секоја неправда и подлост која е свртена против Македонија, бараме додека во неа царуваат ропството и бедата… Едно знам, дека паметењето на народните борци светци било потребно за поколенијата, за да ги буди и повикува на работа“.
Не случајно се вели дека ни требаат нашите херои пред сѐ затоа што нашите херои помагаат да се дефинираат и рафинираат нашите аспирации. Ние во голема мера ги дефинираме нашите идеали според хероите што ги избираме, а нашите идеали – работи како храброст, чест и правда – во голема мера нè дефинираат нас како поединци и како колективитет. Нашите херои за нас се симболи на сите квалитети од нашата историја што би сакале да ги поседуваме и сите амбиции што би сакале да ги задоволиме.
Од борба за слобода, национални и социјални права и правда, преку јазични и културни права до национална гордост, нашите национални херои беа и се сведоштво за тоа што можеме да постигнеме како луѓе. Преку нивните дела и жртви можеме сега да живееме поудобно како луѓе. За вистински да ги почитуваме, мораме да ги живееме нашите животи на начини што го отелотворуваат она за што тие се бореле, она за што се залагаа. Нашите херои се симболи на совршенство – тие претставуваат некои од највисоките квалитети што се стремиме да ги постигнеме – храброст, сила, несебичност, патриотизам, родољубие, љубов…
Од денешна перспектива, во ова време невреме, кога се доведуваат во прашање македонските национални особености – јазик, историја, култура и сл., кога се доведува во прашање и самиот карактер на македонската држава, мора да продолжиме да ги негуваме значајните настани и личности, затоа што храброста, извонредните достигнувања и благородните квалитети се значајни во придонесот во развојот на македонското општество.
Одбележувањето на историските личности, како што е Ѓорче Петров, е особено значајно затоа што хероите наоѓале сила да издржат и покрај огромните пречки со кои се соочиле. Херојството што го покажале нашите предци создава клима на надеж и може да ни помогне во соочувањето со проблемите и тегобите со кои се соочува нашето општество. Како општество, нација и држава мора да ги негуваме историските настани и личности, затоа што тие се суштината на нашето егзистенцијално постоење, со други зборови тие ги збогатуваат нашите животи, тие се нашето наследство што ќе го издржи тестот на времето и имаат континуирана важност за нашата колективна иднина.