Студијата на глувци покажува дека патогените микроорганизми што се пренесуваат од загадувањето можат да допрат длабоко во белите дробови и да напаѓаат подалечни органи преку крвотокот
Ново големо откритие на кинеските научници
Загадувањето на воздухот може да „дејствува како тројански коњ“ и да ја влоши сериозноста на вирусните инфекции со внесување вируси длабоко во белите дробови и другите органи, се наведува во студијата на истражувачите од Кинеската академија на науките (ЦАС). Истражувачите во трудот објавен во рецензираното списание „Сајанс адвансес“ велат дека нивните резултати обезбедиле дополнителна итност за да се стави приоритет на управувањето со квалитетот на воздухот и политиките за намалување на загадувањето на воздухот.
Фанг Мин, коавторката на истражувањето од Институтот за микробиологија на академијата, објасни дека покрај штетните ефекти на честичките од загадениот воздух врз човековото здравје, тие исто така може да бидат оптоварени со патогени микроорганизми што предизвикуваат инфекции. Истражувачите забележале дека вирусите што се пренесуваат преку честички може да патуваат длабоко во респираторниот систем на глувците и да стигнат до подалечните органи, како што се црниот дроб, слезината и бубрезите. Фанг рече дека, иако тимот го набљудувал феноменот во експериментите со животни, тој може да се однесува и на луѓето, бидејќи „патот по кој животните се заразуваат со патогени микроорганизми е сличен на оној на луѓето“. Така, кога има смог, луѓето лесно може да настинат или да развијат тешки симптоми, затоа што вирусите се апсорбираат во честичките од загадениот воздух, што го олеснува ширењето на вирусот.
Фанг и нејзините колеги истражуваа четири чести честички на загадувањето на воздухот, како прашина, биојаглен (дрво изгорено без кислород), црн јаглерод и мали честички познати како ПМ2,5 и нивните ефекти врз преносот и заразноста на вирусите Х1Н1. Тимот ги комбинираше вирусите со секој од загадувачите во лабораториски експерименти и откри „цврсти и одржливи“ интеракции. Количеството на вирусот беше највисоко во примерокот со честички ПМ2,5, а потоа следувал биојагленот, се наведува во студијата. Истражувачите рекоа дека нивните набљудувања покажале дека честичките дејствуваат како „тројански коњ“ за вирусно навлегување во клетките домаќини во раните фази на инфекцијата.
Тимот исто така изложи глувци на средини што вклучуваа мешавина од секој загадувач и вирусите Х1Н1, како и контролна група. Наодите покажуваат дека различни видови на загадување на воздухот имаат различни шеми на вирусна биодистрибуција. Студијата покажа дека 82 отсто од вирусите што ги носат честичките ПМ2,5 завршиле во белите дробови на глувците, во споредба со 76 отсто за биојагленот.
Истражувачите открија дека прашината, иако помалку ефикасна во апсорпцијата на вирусите, внесува 98 отсто од својот вирулентна содржина во белите дробови. Спротивно на тоа, 83 отсто од вирусите што се пренесувале преку биојагленот останале во носната празнина.