Оваа војна има далекосежни последици врз безбедноста на Европа не само во воена смисла туку и во енергетската безбедност и обезбедувањето храна

Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Македонија

И по 16 месеци, се чини дека нема на повидок решение за завршување на руско-украинскиот воен конфликт. Колкав е ризикот, анализирано од споменатата временска дистанца, конфликтот квалификуван како „регионален, но со глобални последици“ да ескалира и да има уште посилен импакт за европската безбедност и другите облици на сигурност?
– Ние сме во ситуација кога конвенционалната копнена војна со висок интензитет е вратена на нашиот континент. Не сме виделе војна меѓу народи со таков интензитет со децении во Европа. И треба да бидеме јасни – ова не е воен конфликт меѓу две еднакво одговорни страни. Има агресор и жртва на агресијата. Украина е жртва, а Русија е агресор. Неиспровоцираната и неоправдана инвазија на Русија врз Украина веќе силно влијаеше на безбедноста на Европа. Оваа војна има далекосежни последици врз безбедноста на Европа не само во воена смисла туку и во енергетската безбедност и сигурноста за исхрана на населението. Тоа исто така претставува напад без преседан врз демократските принципи и меѓународниот систем заснован на правила.
Како што стојат работите во моментов, јасно е дека претседателот Путин нема намера да се откаже од целта да ја потчини Украина и дека ќе продолжи со нападите, бомбардирањето, целењето на цивилите и цивилната инфраструктура во Украина. Очигледно е и дека Украина не се колеба во својата решителност и украинскиот народ херојски се спротивставува на бруталната инвазија.
Од почетокот на инвазијата, ЕУ ја покажа својата непоколеблива посветеност на Украина и ѝ обезбеди многу значителна политичка, воена, финансиска и хуманитарна помош. Ќе бидеме покрај Украина сѐ додека е потребно тоа, не само затоа што тоа е вистинската работа туку и затоа што во сегашниот контекст на континуираните напади на Русија врз Украина се чини дека единствениот начин да ѝ се стави крај на војната е да ѝ се дадат на Украина средства за да го истера напаѓачот.

Дали сегашната позиција за нерешливост на конфликтот, примарно безбедносна, а потоа и со економско-финансиските и енергетски предизвици (инфлација, деиндустријализација, прекинати синџири на снабдување, социјален ризик од осиромашување на населението итн.), води кон комплицирање на функционирањето на европскиот систем во сите општествени сегменти и дали има ефикасен механизам решението за надминување на воениот конфликт да се бара во рамките на највисоките меѓународни институции, како ОН, или во институциите на ЕУ?
– Руската инвазија врз Украина испрати шокантни бранови низ целиот свет, предизвикувајќи зголемување на цените на енергијата и храната, поттикнувајќи ја инфлацијата, што, пак, доведе до повисоки каматни стапки. Постапивме одлучно за да се справиме со овие предизвици. На пример, брзо го развивме REPowerEU – значителен и непосреден одговор на енергетската криза заснован на заштеда на енергија, диверзификација на снабдувањето со енергија и забрзано пуштање во употреба на обновлива енергија за замена на фосилните горива. Во исто време покажавме солидарност со нашите партнери, вклучувајќи ги и идните земји-членки, како Северна Македонија, мобилизирајќи и испорачувајќи силен пакет енергетска поддршка за да помогнеме во ублажување на влијанието на енергетската криза. Уште еднаш ЕУ покажа дека може да се соочи и со најзастрашувачките предизвици.
Што се однесува до крајот на војната, тоа мора да значи целосно повлекување на Русија од територијата на Украина во нејзините меѓународно признаени граници. Ова беше и пораката пренесена преку резолуцијата на ОН од февруари 2023 година, поддржана од 141 држава наспроти пет. Тоа подразбира и признавање на правото на Украина да постои, почитување на меѓународните граници, воени репарации и одговорност од Русија.
Дали меѓународната заедница или конкретно ЕУ им посвети вистинско внимание на досегашните мировни иницијативи за надминување на воениот конфликт во Европа, како на пример иницијативата на Кина или на африканските земји?

– Ние секако многу внимателно ги забележавме различните мировни иницијативи. ЕУ ја поздравува неодамнешната посета на седумте африкански лидери на Киев и Санкт Петербург во обид да му се стави крај на конфликтот. Охрабрени сме од зголеменото вклучување на африканските партнери. Го поздравуваме фактот што африканските лидери ја истакнаа важноста на Повелбата на ОН, како и нивното признание дека руската агресија врз Украина има глобални последици.
Во однос на иницијативата на Кина, таа нагласува одредени принципи на Повелбата на ОН, но е селективна и недоволна во однос на нивните импликации за руската војна против Украина. Позицијата на Кина се надоврзува на погрешно фокусирање на таканаречените „легитимни безбедносни интереси и грижи“ на страните, што имплицира оправдување за нелегалната инвазија на Русија и замаглување на улогите на агресорот и на нападнатиот.
На крајот, позицијата на ЕУ за мирот во Украина е многу јасна. Украинскиот народ и Украина треба да ги утврдат параметрите за мировните преговори. ЕУ ја поддржува мировната формула на претседателот Зеленски за праведен мир, заснован на почитување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, заштитен според Повелбата на ОН. Формулата за мир ги опфаќа и глобалните последици од агресијата на Русија: безбедноста на храната, енергетската безбедност, нуклеарната безбедност и животната средина.