Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за МИА потврдиla дека денеска починал нивниот пациент Кристијан Коцев, за кого се собираа финансиски средства за лекување во Турција.

Коцев бил примен во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ на 18 јуни во состојба на општа слабост, губиток во тежина, тешко дишење, забрзан пулс.

– Станува збор за пациент со докажано хередитарно невролошко заболување со направена генетска анализа на тригодишна возраст. За време на престојот во КБ „Аџибадем Систина“, пациентот беше следен и третиран со мултидисциплинарен пристап од страна на кардиолог, невролог, пулмолог, анестезиолог-интензивист, радиолог, нутриционист. Низ разговор со родителите во текот на лекувањето, секојдневно е потенцирана сериозноста на здравствената состојба и плановите за натамошен третман и терапија. И покрај иницијалното стабилизирање на општата состојба на пациентот, настана нагло акутно влошување на респираторната функција – пациентот беше интубиран и поставен на механичка вентилација. Кај пациентот акутно дојде до нарушување на функцијата на повеќе органски системи (multiorfan failure) – состојба силно резистентна на сите превземени терапевтски мерки и процедури. Во текот на вчерашниот ден, кај пациентот настапи срцев застој, а после преземените мерки на срцево-белодробно-мозочно оживување, кај пациентот се воспостави срцева акција, но остана како критично болен пациент во Единицата за интензивна нега – се наведува во одговорот на „Систина“ за МИА.