Во рамките на МТФ „Војдан чернодрински“ во Прилеп денеска беше промовирана монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на театрологот Ана Стојаноска. Промоцијата се одржа во рамките на програмата „Автор во фокус“,издадена со помош и поддршка на Факултетот за драмски уметности од Скопје и издавачката куќа „Арс Ламина“ и делумна поддршка од Министерството за култура.
– Книгата ја замислив како троен преглед на три важни топоси поврзани со неговата и со мојата работа. Ја насловив како „Коле Чашуле: Приказнувачот“, според еден од текстовите во книгата. Книгава е димензионирана да биде и лична, и научна, и непосредна, и објективна, и театролошка, но и своја каква што треба да е една книга за Коле Чашуле на стогодишнината од неговото раѓање. Коле Чашуле е мојот втор татко. Човекот што ме научи како да пишувам, како да работам, како да се однесувам во светот на театарот и книжевноста, во животот, воопшто. Човекот што ми беше огромна поддршка во процесот на образование и растење. Некогаш зборовите се скржави да го искажат количеството емоции што гo носиме за одредени луѓе. Моите за мојот чичко Коле, мојот втор татко, решив да ги напишам во оваа книга. Книга што на едно место ќе може да го прикаже моето формирање како автор и како писател, и како театролог, и книга што на едно место ќе го толкува, ќе го интерпретира или само ќе одгатнува мал дел од творештвото на Коле Чашуле. Некои од текстовите се веќе објавени во списанијата „МАНУскрипт“, „Спектар“, „Современост“ и „Стожер“ – вели Стојаноска, изразувајќи благодарност до професорката Јелена Лужина за помошта и поддршката, до Кире Галевски за отстапените фотографии, Горјан Донев за дизајнот на книгата, Тодорка Балова за лектурата.
Не само во жанровска, туку и во поетичка смисла, книгата Чашуле – приказнувачот се препознава како прилично, дури и експлицитно „хибридна“: нејзиниот „темелен“ дискурс е, напоредно, и научно дистанциран (театролошки аргументиран/„објективен“), ама и евидентно „субјективен“: интимистички тактилен, речиси романескно „расприкажан“, поетичен – вели проф. д-р Јелена Лужина за книгата.
Инаку, вечерва во рамките на фестивалот Народниот театар од Битола со претставата „My name is Medeja“ ќе гостува во 19.30 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Од 22 часот, на сцената на прилепскиот театар ќе настапат актерите од Народниот театар од Охрид со претставата „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристевска-Петрушева.
Веднаш по претставата ќе следуваат тркалезни маси за двете претстави од официјалната програма.
Еден час подоцна, на полноќ, во Центарот за култура ќе следува изведбата на „Елегија во пет здива“ во режија на Филип Петковски, копродукција со театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Ка.М.