Припадниците на специјалните единици на српската полиција денеска уапсија тројца вооружени косовски специјалци на територијата на централна Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи, се наведува дека припадниците на Антитерористичката група на специјалната полициска единица лоцирале и уапсиле тројца припадници на косовската полиција Р.З., Б.С. и М.Ш. во административната зона кон Косово и Метохија, далеку во длабочината на територијата на централна Србија.
Сите тројца уапсени биле вооружени со автоматско оружје и во целосна воена опрема со ГПС уреди, мапи и друга опрема.
Како што се наведува, „успешно е спречен обид на косовската полиција да изврши упад на територијата на централна Србија и да спроведе акција која по сите параметри е терористички акт со цел дополнителна дестабилизација и ескалација на конфликтот насочен против Република Србија“.
Полицијата во соработка со надлежното обвинителство ќе продолжи со понатамошната работа, се наведува во соопштението.
Полицијата на Косово (ПК), пак, објави дека тројца нејзини припадници денеска околу пладне биле киднапирани од маскирани лица од Србија, на еден од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користи од српски криминални групи за нелегален премин и шверц од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според соопштението на ПК, киднапирањето се случило во месноста Тресава/Баре, каде што тројцата полицајци биле на должност на тамошниот статичен пункт.
Полицајците јавиле во полициската централа дека забележале маскирани и вооружени лица, а кога на местото на настанот пристигнале дополнителни единици на КП, таму било пронајдено службеното возило, но не и полицајците.
– Во правец на локацијата веднаш се упатија другите полициски единици, а се информираа и останатите безбедносни институции, вклучително КФОР, бидејќи има сомневања дека полициските службеници се киднапирани од српските сили. Со цел да се преземат конкретни дејствија за безбедноста на полициските службеници за кои има сомневања дека се киднапирани од српските сили, контактирани се сите домашни и меѓународни механизми за истите што поскоро да се ослободат и да се вратат во Полицијата на Косово – се вели во соопштението.
Приштинските медиуминапоменуваат дека денешниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.